Словенија ја поддржува Македонија на патот кон ЕУ и НАТО
Словенија во континуитет ја поддржува Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ и НАТО и искрено посакуваме да ги почнете преговорите за членството. Ова денеска го изјави словенечкиот амбасадор во Скопје, Бранко Раковец, на денешниот прием организиран по повод одбележувањето на 23-годишнината од прогласувањето на независноста на Република Словенија.
- Словенија отсекогаш ја поддржувала Македонија на нејзиниот пат кон членство во ЕУ и НАТО. Ние стоиме на страната на Македонија на нејзиниот евроатлантски пат подготвени да и ги пренесеме нашите искуства, знаења и добра практика на тој план. Искрено посакуваме Македонија да ги почне преговорите за членство во ЕУ и да стане полонправен член на НАТО, да биде економски успешна и да одржува добри односи со соседите, како и понатаму да биде модел за мултиетничка и мултикултурна држава, рече амбасадорот Раковец.
Во однос на соработката меѓу Словенија и Македонија, тој оцени дека во сите овие години од независноста на двете држави, таа е одлична и без отворени прашања: - Традиционално пријателските односи се потврдуваат преку многубројни политички, економски, културни и други контакти. Ова се докажува и преку честите контакти на највисоко политичко ниво, посочи Раковец.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа