Навалете на Скопски саем - почнуваат саемите на градежништво и недвижности
На Скопскиот саем од денеска до 8 март ќе се одржува 11. Меѓународен саем на градежништво, градежни материјали и градежна механизација, како и 4. Саем на недвижности и инвестиции - RealExpo. На отворањето свое обраќање ќе има вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
Најавено е учество на над 300 компании од Македонија, регионот и пошироко, како и на инвеститори во рамките на RealExpo. Се очекуваат 15.000 посетители.
На саемот за градежништво ќе бидат понудени производи и услуги за работа, модернизирање, одржување и опремување објекти и имоти. Акцентот ќе биде ставен на новите материјали кои обезбедуваат енергетски заштеди. Се очекува тој да го привлече вниманието на експертите од областа на градежната индустрија и да овозможи средби, дискусии и склучување зделки.
Компаниите секој ден ќе одржуваат промоции на производи, а последниот ден Агенцијата за енергетика ќе презентира енергетски пасоши.
На саемот на недвижности ќе бидат понудени над 3.000 станови во Скопје, Охрид и Струмица од повеќе домашни и од една странска компанија, ќе бидат промовирани нови објекти, како и поволни услови за купување станови преку кредити од комерцијалните банки.
Оваа година за прв пат ќе биде организирана и наградна игра - „Награда за надоградба“, со која на најсреќните посетители ќе им бидат доделени вредносни ваучери од 700, 500 и 300 евра во денарска противвредност, кои ќе можат да ги искористат за производи од програмата на изложувачите на Саемот на градежништво 2014.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа