Над 200 пациенти во Македонија чекаат трансплантација на орган
Во Македонија моментално има над 200 пациенти кои чекаат трансплантација на орган, а оваа листа е динамична и постојано се менува, истакна проф. д-р Билјана Кузмановска, национален координатор за трансплантација, на денешната прес-конференција во Министерството за здравство. Според неа, со последната успешна кадаверична трансплантација, при која беа спасени два пациенти со бубрег и еден со црн дроб, статистиката за трансплантацијата во Македонија продолжува да се зголемува.
„Зад секоја бројка во статистиката на трансплантацијата стојат животи. Зад тие бројки се крие надеж, болка, и понекогаш, за жал, лична загуба“, нагласи Кузмановска, додавајќи дека целта на денешната прес-конференција е да се истакне значењето на органдонорството и трансплантацијата.
Надлежните информираа за две сложени интервенции извршени на Клиниката за дигестивна хирургија во Скопје. Директорот на клиниката, Огнен Костовски, објасни дека на 12 и 13 март биле извршени кадаверични трансплантации на црн дроб и два бубрега.
„Ова е петта кадаверична трансплантација на црн дроб со најуспешен тек. Трендот продолжува и во иднина ќе бидат направени сите подготовки за започнување на трансплантациски процес од жив дарител“, рече Костовски.
Тој истакна дека трансплантациите се во постојан раст и дека во иднина се планирани новини во областа на трансплантацијата, како и нови обуки и едукација за медицинскиот персонал.
Министерот за здравство, Арбен Таравари, исто така се заблагодари на семејствата кои во најтешките моменти на загуба покажуваат хуманост и дозволуваат дарување на органи, што спасува животи.
„Како највисок чин на хуманост, сакам да им се заблагодарам на семејствата кои во најтешките моменти на загуба покажуваат големина и хуманизам. Ова е од исклучителна важност за спасување на животи и за подобрување на квалитетот на живот на пациентите“, нагласи Таравари.
Министерот најави дека во иднина ќе продолжи да се работи на подобрување на системот за трансплантација, со цел да се обезбеди поголема едукација и надградба на знаењата на здравствените работници.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа