Потресен статус: "Си ги убиваме децата, живот со одземена лиценца за среќа"
Професорката по македонски јазик и литература, Татјана Алексиќ, објави потресен статус по големата трагедија во Кочани, каде во пожар во дискотеката Пулс, загинаа 59 лица, додека повеќе од 160 се повредени.
- Што им оставивме ние на нашите деца и идни поколенија? Долгови, трауми, неправди, несреќи, мртви градови, загаден воздух и ум, небиднина... Им го одземавме правото на среќа за однапред! Имаат и храна и вино, факултети и библиотеки, станови и автомобили, имаат сѐ што ќе посакаат да имаат... Но немаат услови за достоинствена, етички исправна професионална кариера во корумпиран, компромитирачки, квази систем на вредности. Директно или индиректно си ги убиваме децата, породот, иднината, правото на среќа... Со куршуми, со полудени автомобили, со убиствени зборови и криминални дела, со индиректно протерување од татковината, со директно увезување на странски смет, со продавање на сѐ што вредеше за лечење колективен комплекс на помала вредност, со мито и корупција каде ќе се стаса... Нѐ стаса. Го плаќаме данокот на остатокот живот со одземена лиценца за среќа...напиша професорката Алексиќ.
Инаку, Пулс немал хидрантска мрежа, ималo само два ПП апарати, вратата на заедниот дел била затворена и без квака од внатрешната страна, а објектот бил непрописно обложен со материјали за звучна изолација и за визуелни ефекти со лесно согорливи материјали.
Дел од повредените лица се на лекување во болниците низ Македонија и регионот.
По трагедијата, која е една од најтешките во поновата историја на Македонија, Владата прогласи седумдневна жалост.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа