Мицкоски во Унгарија: Тет-а-тет средба со Орбан

 

Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Будимпешта  во рамки на унгарско-македонскиот владин самит ќе оствари средба со неговиот домаќин унгарскиот премиер Виктор Орбан. 

Согласно агендата, предвидена е тет-а-тет средба меѓу Мицкоски и унгарскиот премиер Орбан. Ќе се одржат и билатерални средби меѓу ресорните министри, по што ќе следи и заедничка седница на двете влади.

По завршување на меѓувладината седница заедничка прес-конференција ќе одржат двајцата премиери. 

Владиниот самит започна вчера со средбата на министрите за надворешна политика и трговија Тимчо Муцунски и Петер Сијарто. Сијарто уште еднаш ја потенцира поддршката што Унгарија и ја дава на нашата земја за зачленување во ЕУ, и обвини дека „голем број држави лицемерно се однесуваат“.

-Постојано слушаме дека одлуката за членство во ЕУ треба да биде заснована на заслуги и Унгарија се согласува со тоа, но овој принцип треба да се применува кон сите. Не може да се смета за заслуга ако има несогласувања меѓу држава земја членка на ЕУ и земја кандидат. Како што видовте ние секогаш сме се залагале за полноправно членство на Република Северна Македонија во ЕУ, рече Сијарто. 

Во однос на евроинтеграциите Муцунски оцени дека земјата се наоѓа на клучен крстопат бидејќи и покрај донесените бројни тешки и невообичаени одлуки, со надеж дека ќе го оствариме сонот за приклучување кон европското семејство, ние се уште сме во чекалната на ЕУ. 

-По сите тешки отстапки од наша страна и долгогодишните ветувања од европските партнери, сè уште се наоѓаме во чекалната, а пред нас е неизвесен пат, условен со уставни измени и низа други билатерални барања наметнати од нашиот сосед, Бугарија. Без оглед на сериозните предизвици со кои се соочуваме, сакаме да веруваме дека со максимално искористување на нашите политички и дипломатски капацитети, реално е остварлива целта што Европа ја поставува – до 2030 година да станеме рамноправен член на заедничкото, демократско и просперитетно европско семејство, рече Муцунски. 

Двајцата министри се осврнаа и на конфликтот во Украина и обидите за негово решавање од новата аминистрација на САД. Сијарто нагласи дека двете земји се за мир во Украина што го покажале со поддршката на Резолуцијата на САД во ОН.   

- Ние и Република Северна Македонија сме на страната на мирот. Го поддржуваме претседателот Трамп и исто така успехот на американско-руските разговори бидејќи јасно гледаме дека мирот може да се постигне само преку американско-руски договор. Македонците и Унгарците сме заинтересирани за враќањето на мирот и тоа го покажува нашата соработка од минатата недела во ОН кога ја поддржавме Резолуцијата на САД. На крајот беше усвоен предлогот на САД, рече Сијарто на заедничката прес-конференција во Будимпешта. 

Потенцира дека враќањето на мирот не е во интерес само на Северна Македонија и на Унгарија, туку на сите бидејќи, како што рече, зајакнувањето на економијата на државите и на ЕУ зависи од мирот и од проширувањето на ЕУ во правец кон Западен Балкан.

Муцунски, пак, подвлече дека секој што мисли дека може да се најде решение за војна и конфликт со геостратешки импликации без учество на Соединетите Американски Држави има несериозен и неискрен пристап кон конфликтот при тоа нагласи дека надворешната политика на земјава се базира на три константи.

-Нашата надворешна политика како држава има три константи - нашето полноправно членство во НАТО и да останеме кредибилен партнер во НАТО, нашата 100 процентна усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија и нашето стратешко партнерство со САД. Пред сѐ и над сѐ, во тој контекст е македонскиот национален интерес, и затоа повторувам дека сето ова што го правиме, сите одлуки што ги носиме се вклопени во таа рамка и се усогласени со нашите национални интереси, нагласи Муцунски.

Тој потенцира и дека годинава двете земји одбележуваат три децении од воспоставувањето на дипломатските односи со извонредни достигнувања - Унгарија е еден од нашите 10 најголеми трговски партнери и  најголеми странски инвеститори во нашата држава.

-Силно сум убеден дека и во годините што следат ќе го задржиме континуитетот на одличната партнерска и пријателска соработка, на секое ниво и во сите области од заеднички интерес, вели Муцунски. 

Двајцата министри вчера потпишаа акциски план за размена на експертиза на меѓусебно договорени теми за интеграција во ЕУ.

Ова е втора заедничка седница на владите на двете земји. Премиерите Мицкоски и Орбан ги предводеа владините делегации на заедничката меѓувладина седница што се одржа во септември лани во Охрид, на која беше потврдено стратешкото сојузништво меѓу двете земји и реафирмирана силната унгарска поддршка за нашата евроинтеграција.  

04.03.2025 - 07:51

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега