Tошковски: Штип ќе биде дел од втората фаза на проектот „Безбеден град“

 


Штип ќе биде дел од втората фаза на проектот „Безбеден град“ истакна при денешната посета во рамките на караванот на МВР „Од вас, за вас“, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, кој одговараше на новинарско прашање, дали камерите кои ќе ги поставува општината низ градот, парковите, градинките и училиштата ќе се користат и од страна на МВР и ќе бидат дел од проектот „Безбеден град“.

– Штип секако е вклучен во рамките на имплементацијата на проектот на Министерството за внатрешни работи, а секако една инвестиција во секоја Општина во делот на зголемување на степенот на безбедноста, самоиницијативно во рамките на своите буџети апсолутно ќе биде добредојдена. Но, тој тип на камери коишто се набуваат од страна на општините, да речеме секако ќе бидат ставени во функција заедно со капацитетите на министерството, вели Тошковски.

Тошковски истакна дека овие камери кои ги поставуваат општините ќе имаат еден друг степен на употребливост, односно, како,што рече, нема да бидат врзани во рамки на проектот „Безбеден град“. Тој забележа дека ваквите проекти што ги реализираат Штип и уште неколку општини во земјава се од интерес за македонските граѓани и за зголемување на степенот на безбедност и како министерство ги поддржуваат ваквите проекти.

Министерот Тошковски меѓу другото потенцира дека проектот „Безбеден град“ треба да обезбеди безбедност во сообраќајот и сообраќајна култура и е еден од најзначајните проекти на кои во моментов работи МВР.

– Во прва фаза се имплементира проектот „Сејф сити“ во Скопје, Куманово и Тетово додека во втора фаза ќе го имплементираме низ цела Македонија. Така да ќе имаме безбедна држава, исто така ќе бидат опфатени не само градовите туку и автопатиштата и експресните патишта коишто ги имаме, особено оние црни точки, каде што да кажеме во континуитет во минатото сме имале најголоем број на сообраќајни несреќи и особено жртви како последица на таквите сообраќајни незгоди, изјави Тошковски, кој денеска заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов и пратениците, Никола Мицевски и Душко Иванов присуствуваа на караванот на МВР „Од вас, за вас“.

28.02.2025 - 13:44

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега