Рангелова: Претходната власт нема назначено ниту еден млад службеник во министерствата

 


На гостување во поткастот „ВМРО-ДПМНЕ Зборува, Унија на млади сили“ присуствуваше претседателката на Совет за млади Лина Рангелова, која дискутираше за младинското учество, вклученоста на младите во политиката како и нивното учество и активизмот во институциите и Советот.

На самиот почеток Рангелова објасни за иницијативата и формирањето на Советот за млади, и истакна на кој начин се промовира Советот помеѓу младите.

„Советот на млади е иницијатива на претседателката и всушност Советот е резултат на сите предизборни ветувања во насока на младите, Советот е доказ за заложбата на претседателката и во текот на нејзиниот пратенички мандат за унапредување на положбата на младите во општеството и државата. Најдобар промотор е неговиот состав и самата структура, во него членуваат млади коишто се активни во различни сфери, и млади коишто се вклучени директно во процесот на донесување одлуки, има млади од министерствата и има претставник од законодавниот дом од Клубот за младински прашања и политики. Сметам дека тоа е одличен промотор, бидејќи секој од нас го промовира Советот онаму кај што делува и до онаа група којашто му е најблиска а се е опфатено“, рече Рангелова.

Рангелова истакна дека во Советот има паритетна застапеност, и потенцираше дека со донесувањето на Законот за младинско учество и политики кое имало очигледни слабости, претходната власт предводена од СДС и ДУИ не назначил ниту еден млад службеник во министерствата во изминатите пет години.

„Во Советот има паритетна застапеност, неодамна организиравме панел-дискусија по повод пет години од донесување на законот за младинско учество и младински политики, и покрај слабостите законот нуди можности, она што сакав да го истакнам е дека на дискусијата поканивме службеници за млади од сите министерства, согласно Законот секое министерство би требало да има назначено службеник за млади, јас морам да кажам дека неколку министерства и покрај петте години немаа назначено службеници за млади, но ова говори за негрижата на претходната власт за младите коишто имале можност да го имплементираат законот но не го направиле тоа“, децидна е Рангелова.

Во врска со младинскиот активизам и бенефитите од него Рангелова објасни дека тој е двигател на промените во општеството и дека младите треба да го искористат својот потенцијал за промени.

„Младинскиот активизам е двигател на промените во општеството и младите треба да бидат свесни за нивната положба во општеството и тие треба да го искористат нивниот потенцијал, бидејќи младинскиот активизам може да промени многу во општеството кон подобрување на положбата на младите, и условите во коишто живееме всушност подобрување на младинскиот стандард преку ангажманот, се зголемува исто така свеста за општествените теми бидејќи кога младите се залагаат нивниот глас ќе биде слушнат“, истакна Рангелова.

28.02.2025 - 09:45

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега