Едно лице ја преживеа авионската несреќа во Јужен Судан
Мал авион со работници се урна во средата во јужносуданската држава Унити, при што загинаа 20 лица од 21 патник и членови на екипажот, изјави локален претставник.
Авионот се урна утринава на аеродромот „Унити“, од каде што полета за главниот град Џуба, изјави Гатвех Бипал, министер за информации на провинцијата Унити.
Бипал рече дека патниците биле работници со нафта на Greater Pioneer Operating Company (GPOC), конзорциум, кој ги вклучува државната China National Petroleum Corporation и Nile Petroleum Corporation. Тој рече дека меѓу загинатите има двајца кинески државјани и еден Индиец.
Бипал не даде повеќе детали за околностите што доведоа до несреќата.
Медиумите првично соопштија дека загинале 18 лица, но Бипал за „Ројтерс“ изјави дека двајца преживеани подоцна починале. Едно лице преживеало.
Неколку авионски несреќи се случија во воениот Јужен Судан во последните години. Во септември 2018 година најмалку 19 лица загинаа кога се урна мал авион што превезуваше патници од главниот град Џуба до градот Јирол.
Во 2015 година десетици луѓе загинаа кога руски товарен авион со патници се урна по полетувањето од аеродромот во главниот град Џуба.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа