Гаши се сретна со специјалниот претставник на Норвешка за Западен Балкан - разговараа за европските интеграции
Претседателот на Собранието Африм Гаши, се сретна со специјалниот претставник на Норвешка за Западен Балкан, Ерик Матиасен. На средбата присуствуваше и нерезидентната норвешка амбасадорка, Кристин Мелсом.
Двајцата соговорници ги поздравија одличните политички односи и пријателство, нагласувајќи дека тие се допoлнително зајакнати и преку членството во НАТО.
Претседателот Гаши истака дека назначувањето на специјален пратеник за Западен Балкан го покажува интересот кој норвешката влада го посветува на регионот. Тој се заблагодари и за силната поддршка што Норвешка, која иако не е членка на ЕУ, поради својата тесна поврзаност со Унијата, ја дава за европските аспирации на Република Северна Македонија.
На средбата беа разменети мислења и за придвижување на пристапниот пат на државата, со оглед што Матиасен има долгогодишно искуство на работа поврзана со односите со Европската Унија.
Беше поздравена и работата на амбасадорите во двете држави кои со своите активности придонесуваат за натамошно интензивирање и унапредување на билатерланите односи и соработка.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа