Неделков: СОНК нема да учествува на никакви партиски организирани протести
СОНК нема да учествува на никакви партиски организирани протести, вели претседателот Јаким Неделков, откако СДСМ повика на собир на наставници утре пред Министерството за образование.
„Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК, како најголем синдикат за образование и наука, во кој членуваат над 20 000 просветни работници, се оградува од секаков вид на политички влијанија и дејствија во образованието. Во период на интензивни преговори за изнаоѓање решение и средства за подигнување на социјалниот статус на вработените во образованието, делувањето на политичките партии и преземањето на улогата на синдикатите, упатува на купување на ситни политички поени и може да има сосема спротивен ефект. Политичките партии имаа и имаат можност да докажат колку се загрижени за просветните работници, а тие знаат тоа најдобро да го оценат. СОНК ќе продолжи да делува со сите расположиви синдикални средства во натамошниот период, се до остварувањето на својата цел.
Членовите на СОНК нема да учествуваат на никакви партиски организирани протести и строго ќе внимаваат на мешањето на политиката во синдикатот“, пишува тој на ФБ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа