ЕУ и САД ќе работат заедно на стандардите за вештачка интелигенција
ЕУ и САД ќе работат заедно на воспоставување минимални стандарди за вештачка интелигенција пред да се воспостави европското законодавство во таа сфера. Извршната потпретседателка на Европската комисија, Маргрет Вестагер денеска најави дека процесот на усогласување на европскиот закон за вештачка интелигенција може да потрае до крајот на годината.
„Потоа ќе ни треба една година, ако не и две, за законот да стапи на сила, што значи дека треба да направиме нешто за да го премостиме тој период“, нагласи таа. Вестагер додаде дека вештачката интелигенција ќе биде една од главните теми на собирот на Трансатлантскиот совет за трговија и технологија, што ќе се одржи на 30 и 31 мај во Шведска.
Лидерите на земјите од Г7 во саботата го поддржаа развојот на техничките стандарди за вештачката интелигенција да продолжи да биде „кредибилна“ и повикаа на широка меѓународна дискусија на оваа тема, но Вестагер изјави дека такви дискусии се уште не се одржани.
„Можеме ли да разговараме кој е минимумот што очекуваме да го направат компаниите во однос на вештачката интелигенција, пред законот да стапи на сила“, праша Вестагер.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа