Пендаровски на средба со ракометните кадети по триумфот на ЕХФ шампионатот во Латвија
Претседателот Стево Пендаровски денеска ја прими македонската машка кадетска ракометна репрезентација, по освоеното прво место на ЕХФ шампионатот (до 18 години) што се одржа во Латвија.
Пендаровски, како што соопшти неговиот Кабинет, упатил честитки за одличната тимска игра, истакнувајќи дека импресионира патот до шампионската титула без ниту еден пораз и фактот што во идеалниот тим на шампионатот се избрани четворица македонски репрезентативци.
– Горди сме што кадетската репрезентација со супериорниот триумф ја продолжува традицијата на одлични резултати во македонскиот ракомет, како еден од нашите најуспешни спортови, рече претседателот Пендаровски пред македонските репрезентативци.
Пендаровски на кадетите им посака натамошни успеси, откако со триумфот на ЕХФ шампионатот во Латвија обезбедија место на кадетското Светско првенство 2023 година и на младинското Европско првенство 2024 година.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа