Богдановиќ: Со планот за Мал Ринг, отстрануваме дел по дел од „Скопје 2014“

Планот за Мал Ринг што денеска го презентираме не го правиме за да протуркаме нешто, туку да отстрануваме дел по дел од проектот „Скопје 2014“. Мора да одиме чекор по чекор, рече градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ на јавната презентација за предложениот ДУП, што се одржува во Општината.
Богдановиќ истакна дека на планот се работи повеќе од една година, а сите работи што се преземени се направени точно и прецизно без да се направи каква било штета.
-Во сите постапки клучна работа беше да го вратиме во управување државното неизградено земјиште особено за делот во Малиот ринг односно поврзано со т.н проект Скопје 2014. Во изминатиот период се изнаслушав дека сакаме да легализираме делови од Скопје 2014. Со новиот предлог план се прави спротивното, почнува да се стопира и да се брише се она што било зацртано во тогашниот проект Скопје 2014, рече Богдановиќ.
Вкупната површина опфатена со ДУП е 37,39 хектари.
Во пресрет на денешната презентација, вчера Асоцијацијата на архитекти на Македонија побара од градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ и претседателката на општинскиот совет, Цветанка Симобовска да го повлечат и преработат Предлог – детaлниот урбанистички план. Според ААМ, станува збор за објекти и земјиште во државна сопственост и објекти кои во својата срж, во најмала рака се спорни, поради што сметаат дека за ваков предлог-план нема потреба од јавна презентација и јавна анкета пред спорните објекти да бидат исфрлени од планот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа









