Шилегов ќе одлучи дали Бени Шаќири ќе биде директор на МКЦ

Градоначалникот Петре Шилегов во рок од две недели ќе одлучи кој ќе биде директор на Младинскиот културен центар во Скопје (МКЦ), откако ќе бидат разгледани двете пријави што стасале на конкурсот кој се оддолжи поради претседателските избори, велат од Град Скопје на прашање на Плусинфо по реакцијата на независните македонски културни работници, уметници и граѓански активисти кои денеска му се обратија на премиерот Зоран Заев преку отворено писмо во кое побараа да не се прават промени во раководството на МКЦ, објави „Плусинфо“.
Нивната реакција следуваше по неофицијалните информации на социјалните мрежи дека прв човек на МКЦ ќе биде музичарот Бени Шаќири.
– Процедурата за избор на директор на МКЦ е сѐ уште во тек. Во предвидениот рок на конкурсот се пристигнати две пријави, чие разгледување беше одложено поради изборниот процес. Пријавите се уште не се разгледани од страна на комисијата, но се очекува да бидат разгледани до крајот на оваа работна недела. Откако ќе бидат разгледани согласно конкурсните услови – сите кандидати што исполнуваат услови ќе бидат предложени до градоначалникот, кој треба да донесе одлука за избор во рок од 15 дена. Сакаме да напоменеме дека МКЦ во текот на целиот овој период има В.Д. директор задолжен за реализирање на програмските активности на установата и истата во текот на овој период работи непречено – велат од Град Скопје.
250 независни уметници и културни работници бараат од премиерот Зоран Заев да спречи менување на сегашниот в. д. директор на Младинскиот културен центар (МКЦ) Русе Арсов и поставување на пејачот Бени Шеќири на директорската функција, преку отворено писмо на истакнати уметници како режисерите Слободан Унковски, Владимир Милчин, Ѓорче Ставрески, писателките Румена Бужаровска и Лидија Димковска и други, пренесе САКАМДАКАЖАМ.МК.
„Конечно, МКЦ е една од ретките јавни институции, ако не и единствена, која комплетно успешно и без никаква злоупотреба си ја извршува својата работа. Бараме да не се уништува она што функционира. Факт е дека моменталниот в. д. директор Русе Арсов е поникнат во МКЦ и најголем дел од неговиот работен век го помина во оваа институција. Неговото искуство и суштинско познавање на независната сцена и култура, неговата отворена и непречена поддршка кон културните работници, како и неговата соработка со успешниот тим на МКЦ се суштествени за продолжувањето на добрата работа на оваа институција. Да не бидеме сфатени погрешно, ова не е е негативна пропаганда кон господинот Арбен Шаќири, кој деновиве веќе отворено ја прославува новата функција директор на МКЦ. За него имаме максимална почит како музичар кој повеќе децении работи и опстојува во земја како Македонија. Но повеќе од очигледно е дека господинот Шаќири го нема ни оддалеку потребното искуство да раководи со институција која се занимава со комплексните потреби на независната сцена, чиј дел тој не е, ниту пак кога било имал интерес да биде“, се вели во писмото до премиерот Заев.
Продуцентот Арсов е назначен за в. д. директор на МКЦ во март лани, откако директорот Златко Стевковски си даде оставка. Изборот на директор на МКЦ го врши градоначалникот Петре Шилегов бидејќи оваа културна институција е под надлежност на Градот, но од кабинетот за СДК.МК, рекоа дека сѐ уште не е избран нов директор на МКЦ и дека Комисијата ќе се состане деновиве, по што ќе информираат кој ќе раководи со оваа институција.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа









