Шилегов оствари средба со градоначалникот на Нирнберг

Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов денеска оствари средба со делегација од збратимениот град Нирнберг, предводена од градоначалникот Улрих Мали.
– На средбата градоначалниците дискутираа за досегашната соработка меѓу двата збратимени града и истата ја оценија како одлична, каде што се реализирани голем број проекти и активности во областа на културата, младинската и спортската размена, противпожарната заштита и животната средина, соопштија од Град Скопје.
Посочија дека делегацијата од Нирнберг денеска присуствувала и на официјалното доделување на донација на градинката „8 Април“ во Општина Шуто Оризари.
– Подоцна делегацијата треба да ја посети и канцеларијата на „Урбана лабораторија на Скопје“ (Skopje Urban Living Lab) во Старата скопска чаршија, која е отворена во рамките на европскиот проект „РОК“ – Регенерација и оптимизација на културното наследство во креативните градови (ROCK), наведоа од Град Скопје.
Соработката меѓу Скопје и Нирнберг датира од 1963 година, кога овој град се вклучи во помошта за Скопје по катастрофалниот земјотрес, додека официјалното потпишување на договорот за збратимување на Скопје и Нирнберг се случи во 1982 година.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа









