Не се ракоплеска, не се носи цвеќе - овие влезови на градот ќе бидат отворени кога ќе дојде папата

 

Со највисоко ниво на безбедност, Скопје на 7. мај ќе го дочека папата Франциск. Како никогаш досега се определени строги правила на однесување и на движење низ главниот град на државата, кој на тој ден буквално ќе функционира поразлично. Владата не гопрогласи 7 мај за неработен ден, но на тој ден, пристапот до центарот на градот ќе биде ограничен. Јавниот градски превоз ќе биде бесплатен, а нема да се наплатува ниту меѓуградскиот автобуски и железнички сообраќај. Од 6 мај по 17 часот и на 7 мај во текот на целиот ден ќе биде бесплатно и паркирањето низ Скопје.

Според податоци од интернет страницата која е креирана специјално за посетата, движењето во централното градско подрачје ќе биде непречено, но забавено затоа што овој појас ќе биде строго обезбедена зона.

Сите граѓани кои ќе пристапат во оваа зона во периодот од 6 часот наутро до 19 часот на 7 мај ќе мора да се идентификуваат со важечки документ за идентификација и да поминат низ безбедносна проверка.

Во зоната ќе се пристапува преку 9 влезови на кои МВР ќе врши безбедносна проверка на сите граѓани, како и проверка на лична карти или пасош. Ова се единствените влезови во кои ќе се пропуштаат граѓаните кои ќе се упатуваат кон Плоштадот „Македонија“:

Влез 1 кај Управен суд на ул. „Орце Николов”
Влез 2 кај хотел Мериот на ул. „Максим Горки“
Влез 3 кај кафе Тренд на ул. „Никола Вапцаров“
Влез 4 кај Министерство за правда на ул. „Димитрие Чуповски“
Влез 5 кај Министерство за финансии на ул. „Даме Груев“
Влез 6 кај Завод за статистика на ул. „Даме Груев”
Влез 7 кај Пелагонија на ул. „Димитрие Чуповски”
Влез 8 кај Порта Македонија на ул. „11 Октомври”
Влез 9 кај излезот од ГТЦ кон Плоштад

Инаку, на граѓаните кои ќе бидат присутни ќе им биде забрането да носат експлозивни направи, пиротехнички средства запалки, петарди, факли, „бенгалки“,потоа предмети погодни за повредување и самоповредување, храна и пијалоци во метална и стаклена амбалажа. Не се дозволени ниту сите видови на алкохолни пијалоци и чадори, па ни транспаренти и големи знамиња.

Организаторот препорачува храната која ќе се носи да е во хартиена кутија и да се носи мантил заради заштита од дожд ако евентуално заврне.

Додека Светиот Отец минува меѓу присутните не е дозволено фрлање на какви било предмети дури ни цвеќе, а во текот на литургиската прослава не е дозволено ракоплескање. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

29.04.2019 - 12:15

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега