Државен инспекторат за градежништво испрати барање до Беџети да постапи со дивите платформи на Матка

 

Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам му испратил писмо на градоначалникот на Општина Сарај Блерим Беџети, локалните власти да излезат на терен и да постапат со дивите платформи на Матка, информира САКАМДАКАЖАМ. Од инспекторат вчера било испратено барање откако во саботата министерот за транспорт и врски Горан Сугарески рече ако Општина Сарај не ги урива дивите платформи на Матка, тогаш Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам мора да постапи. Кањонот Матка е заштитено подрачје од трета категорија и е прогласен за споменик на природата, а тоа значи дека не се дозволени активности и градби кои би ја загрозиле неговата автентичност.

Државниот инспекторат минатиот петок се прогласи за ненадлежен за Матка оти станувало збор за платформи и монтажни објекти кои биле од локално значење, но денеска изјавија дека постапиле според законските одредби.

„Инспекторатот ја следи ситуацијата во врска наведените објекти. Достави писмено барање до градоначалникот на Општина Сарај Блерим Беџети за постапување согласно позитивните законски прописи. По добивањето на бараните податоци, инспекторатот ќе постапи согласно одредбите од Законот за градење и другите законски прописи“, велат од Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам.

 

Според Законот за градба ако овластениот градежен инспектор во Општина Сарај не постапува, тогаш градежниот инспекторат од Државниот градежен инспекторат треба на лице место да ја констатира ситуацијата. Тој врши увид во работата дали постапил или не инспекторот на Општина Сарај. Доколку не постапил со записник се известува Министерството за транспорт и врски и тоа назначува инспектор кој понатаму постапува до извршување.


Градоначалникот на Сарај Блерим Беџети се уште не ги урнал дивоградбите во Матка и најави дека ќе бара правно решение за нив. Беџети му порача на градоначалникот на Скопје Петре Шилегов кој побара од него да ги урне палтформите, да не му се меша во работа и да ги гледа неговите надлежности.

 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

05.03.2019 - 09:16

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега