Град Скопје домаќин на вториот Светски конгрес на претприемачи

По повод вториот Светски конгрес на претприемачи што ќе се одржи во втората половина на октомври во Скопје, делегацијата на Светскиот конгрес на претприемачи се сретна со раководителот на Секторот за локален економски развој Марко Тодоров и со советничката во Советот на Град Скопје Билјана Секуловска Габер.
Делегацијата, како што соопштиа Град Скопје, беше предводена од генералниот секретар на конгресот и претседател на Управниот одбор на Меѓународниот економски форум „Перспективи“ Винко Ќуро, а на средбата се утврдуваа насоките и целите за организација на конгресот, што е под покровителство на Владата на Република Северна Македонија.
– Ни претставува чест и задоволство Град Скопје да биде домаќин на вториот Светски конгрес на претприемачи. Развивањето и поттикнувањето на претприемачкиот дух кај граѓаните е од огромно значење за развојот на локалната економија. Благодарни сме на Владата што цени дека локалната власт треба да биде вклучена во организацијата на конгресот, соопштил Тодоров на средбата.
Градоначалникот Петре Шилегов ќе земе активно учество на светскиот конгрес, во својство на потпретседател на организацискиот комитет.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа









