Шилегов: Топловодната мрежа е дивоградба

 

Топловодната мрежа во Скопје е дивоградба и нема имотен лист, изјави градоначалникот Петре Шилегов кој посочи дека Градот Скопје е прв субјект што ја започнал постапката за легализација на системот за парно греење, што е услов да ја преземе во своја сопственост. Постапката е започната пред неколку месеци, а би требало да заврши до крајот на септември, објави „Независен.мк“.

За да управува со топловодната и гасоводната мрежа во Скопје, градоначалникот го формираше и новото претпријатие Градски енергетски системи. По легализацијата на системот, градоначалникот ќе бара Владата да му ја пренесе сопственоста за да може од Регулаторната комисија за енергетика да побара лиценца за работа. Целта е, вели Шилегов, Скопје да раководи со топлификацискиот и гасоводниот систем, а не како досега, да биде нем набљудувач во тој процес.

„Ние треба да бидеме креатори на енергетската политика, да ги донесуваме одлуките, на пример, во кој дел од градот ќе биде поисплатливо да се гради топловод или гасовод. Тоа е во интерес на развојот на градот, но уште поважно за одржливиот развој на чист град без загадување“, смета Шилегов.

 Според Шилегов, површината од само 23 отсто која е покриена со топловоден систем е многу малку, па Скопје се соочува со енормно загадување на воздухот во текот на зимата и кога импактот од масовното користење на фосилните горива за затоплување на домовите е над 50 отсто.

„Уште една потврда дека Градот Скопје мора да биде стопанисувач со топловодната мрежа е фактот дека три децении никој не се нафатил да изгради два километри цевковод со кој Топланата Север ќе ја приклучи на другите и целосно ќе го спои градскиот систем. Сега Север е изолиран остров, работи нерентабилно, цените се за 40 отсто повисоки од тие на БЕГ и поради тоа има само околу 700 приклучени домаќинства“, вели Шилегов.

Една од првите обврски со кои ќе се соочи новото градско енергетско претпријатие, ГЕС, е поврзување на овие две мрежи и ширење на топловодот во овие општини. Градот има интерес само да управува со мрежата, но не и со производството, што значи дека може лиценцата да ја добие и по започнувањето на грејната сезона. Како сопственик на топлификацискиот систем, Градот и понатаму ќе купува енергија од производителите Те-То, БЕГ и топланите. Новото јавно претпријатие, кое беше формирано со основачки влог од 250.000 евра, според Шилегов, во моментов се екипира со стручен кадар, инженери проектанти на топловоди, но и на гасоводи, а за директор е именувана Александра Маројевиќ.

 

 

 

13.09.2018 - 09:35

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега