ВМРО-ДПМНЕ: Жерновски не ја поддржа иницијативата за ребаланс на Буџетот бидејќи сака средствата да ги користи за партиски вработувања

 

Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Општина Центар на 17 август поднесе иницијатива за ребаланс на Буџетот. Со ребалансот се предлага средствата во висина од над 9,8 милиони денари, кои државните институции ги имаат уплатено на сметката на Општина Центар на основ на комунална такса за изгрaдба на државен објект, да се искористат за обновување и подигнување на нови јавни зелени површини и да се засадат нови дрвја на целата територијата на Општина Центар.

Наведените средства од над 9,8 милиони денари се доволни да се набават и засадат нови 10.000 садници на територијата на цела Општина Центар.

Со ова граѓаните на Општина Центар ќе добијат поголеми зелени површини од една страна, а од друга страна ќе се изгради репрезентативен објект на државна институција и ќе се оствари заштеда на буџетот на државата по основ на кирии.

До денес, Градоначалникот Жерновски ниту ги врати средствата од платени комуналии како што најави во една прилика, ниту ја подржа иницијативата за ребаланс на буџетот.

Напротив, збунетиот и конфузен градоначалник Жерновски, кој во јавноста е познат како Градоначалник на рушењето, повторно бара и чека некој друг да донесе одлука во негово име, а тој повторно да се прогласи за ненадлежен.

Со тоа што Градоначалникот Жерновски не ја подржува иницијативата за ребаланс на Буџетот, односно одбива средствата да се искористат за подигнување на ново зеленило, Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ изразува сомнеж дека Жерновски планира уплатените средства да ги искористи за нови партиски вработувања.

Да потсетиме, на почетокот на својот мандат Андреј Жерновски за само 2 месеци без оглас вработи во општината 23 нови лица меѓу кои има и докажани партиски активисти на СДСМ и поранешни советници во Советот на Општина Центар од редовите на СДСМ.

Градоначалникот Жерновски покажува крајна лицемерност и докажува дека не е засегнат толку многу од исечените 5 дрвја до Хотел Бристол. Сега има шанса да засади нови 10.000 дрвја насекаде низ општина Центар, но тој го одбива нашиот предлог.

Граѓаните на Општина Центар ја препознаа безидејноста на Жерновски и ја разбраа двојната игра на првиот човек на Општина Центар.

За идната недела закажана е седница на Советот на општина Центар каде ќе се гласа иницијативата на Советниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕза ребаланс на Буџетот. Повикуваме на разумност кај градоначалникот Жерновски и поддршка од советниците од СДСМ за садење на нови 10.000 садници насекаде низ Општина Центар.

 

Го повикуваме градоначалникот Жерновски и мнозинството на СДСМ и коалицијата во Советот да не прават бесмислени опструкции и да направат нешто за граѓаните на Центар. Еве ја шансата тоа да го сторат, нека ја поддржат нашата иницијатива и на тој начин на граѓаните од Центар ќе им обезбедиме многу поголеми површини зеленило во близина на нивните домови.

Интегрален текст од изјава на ВМРО-ДПМНЕ.

06.09.2013 - 13:56

најчитано сега