Шилегов: Започната е постапката за дислокација на галиите

Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов најави можна дислокација на галиите од реката Вардар во Скопје заради безбедносни причини.
-За мене како градоначалник безбедноста е приоритет. Она што ќе биде најбезбедно за граѓаните ќе биде донесено како одлука и решение, рече скопскиот градоначалник Петре Шилегов одговарајќи на новинарско прашање.
Во контекст на тоа, додаде дека оваа есен и зима само по два дена дожд реката Вардар се излеа од коритото.
Појасни дека е започната постапка за дислокацијата и оти се испитуваат сите законски можности.
- Кога ќе созрее состојбата да можат да бидат донесени правни акти во тој момент ќе бидат донесени тие решенија и понатаму ќе се постапува согласно нив, рече Шилегов.
Не е умесно, истакна тој, кога сте влезени во постапка да ја коментирате самата постапка, бидејќи „може да се случи во правна смисла да има документација која потоа ќе ја негира мојата изјава“.
- Затоа да почекаме да ги видиме сите правни постапки и процедури и понатаму ќе продолжиме благовремено. Јас сум тој кој го иницираше овој проблем и јас сум тој што инсистира овој проблем да се реши, рече скопскиот градоначалник.
На прашање дали има намера да купува ново возило, Шилегов одговори дека нема намера и оти нема потреба Градот Скопје од посебно возило за градоначалникот.
- Со возниот парк со којшто располагаме соодветно може да биде задоволена потребата на сите вработени, додаде тој.
Во врска со реконструкцијата на Универзалната сала, Шилегов истакна дека во соработка со Министерството за култура прават обид да го рестартираaт проектот за реконструкција на Универзална сала.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа









