Професорите од скопски „ГУЦ“ ја обвинуваат директорката за непотизам и финансиски малверзации

Професорите од средното училиште ГУЦ „Здравко Цветковски“ ја обвинуваат директорката Драгица Костадиновска за непотизам, финансиски малверзации и прислушкување на кабинетите на професорите, објави ТВ24. Таа деновиве од работа избркала професорка која 9 години работела во училиштето со договор на определено време и на нејзино место вработила друг човек.
Од Левица велат дека вработените им се пожалиле на мобинг, зашто во училиштето владее дикриминаторски однос.
„Во училиштето очигледно се случуваат работи, од страна на директорката, кои имаат подолго трање и се работи за кршење на работничките права на вработените за злоупотреба на функција и на моќта внатре. Во најновиот случај таа и го прекина работниот однос на вработена која работела 9 години, и на нејзино место вработи нова“, вели Здравко Савески - „Левица“
Професорите уште минатото лето во отворено писмо се пожалија до институциите дека директорката ги вработила сопругот и деверот во соседното училиште, а по пат на реципроцитет во ГУЦ била примена сопругата на тамошниот директор.
Костадиновска во школото ја вработила и девојката на синот.
Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов вели дека е запознаен со состојбата во училиштето.
„Испратен е и училишниот инспекторат, извештајот мислам дека е завршен. Во наредниот период ќе превземеме чекори во врска со тоа училиште“, вели Петре Шилегов - градоначалник на град Скопје
Од Државниот просветен инспекторат потврдуваат дека извршиле вонреден инспекциски надзор, но дополнително ќе известат за наодите.
Како што изјавиле за ТВ24, вработените се сомневаат и дека во училиштето се водат двојни книговодствени евиденции и се издаваат фиктивни патни налози.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа









