Заев: Груевски и Самак пример за “Кој лаже тој и краде“

 

Ако граѓаните на Република Македонија се сведоци дека Премиерот Груевски со помош на своите медиумски поданици, секојдневно ја лаже и манипулира јавноста, тогаш нема причина да се чудат што тоа без проблем го прави и еден владин министер, како што е Веле Самак. Каков учител - таков ученик. Груевски и Самак ја потврдуваат вистинитоста на народната мудрост “Кој лаже, тој и краде“. Китењето со туѓо перје во врска со холандската инвестиција во Струмица е пример за класична кражба на заслуги.                           

Спротивно од лагите на министерот Самак, вистината е следната:                  

- На инвеститорот му е понудена локација со комплетна комунална инфраструктура изградена од Општина Струмица (атмосферска и фекална канализација, електрична мрежа, асфалтиран пат со пристап за влез и излез до и од локацијата, мост, водоснабдителен систем со вода за пиење и техничка вода, современи тротоари околу локацијата и соодветно улично осветлување).      

- Близината на локацијата до градот која изнесува само 100 метри, овозможува инвеститорот да нема дополнителни трошоци околу можен транспорт на идните вработени.

- Општина Струмица ја организираше целата постапка околу донесувањето на ДУП за урбан блок бр. 9 и нејзиното комплетно финансирање, решавањето на имотно-правните односи и исплата по извршената експропријација, изготвувањето на геометарските нумерички податоци, имотните листови и историјата од Катастар, изводите од Деталниот урбанистички план а ја изврши и комплетната процедура за организација на купопродажбата на локацијата.

- Новиот инвеститор доби понуда за партиципирање на Општина Струмица во изградбата на неопходната трафостаница и тоа во висина од 70% од целокупната сума на чинење.

- Новиот инвеститор неколку месеци имаше на располагање луѓе од општинската администрација кои беа задолжени да му асистираат околу сите поединости кои беа предмет на негов интерес.

- Со помош на општинската администрација на инвеститорот му беше организирана посета на повеќе стопански субјекти, кои изразија полна подготвеност за соработка, помош и поддршка на холандската компанија.

 Јавно ги прашуваме Премиерот Груевски и Министерот Самак:  

- Кои се ангажманите на Владата и понудените поволности до инвеститорот од Ваша страна за да се реализира оваа инвестиција? Набројте барем неколку.

- Дали и за случаите со веќе постоечките 36 домашни и странски инвестиции во нови производствени капацитети во Струмица, заслужна е Владата на Никола Груевски?

- Зошто за наводната понуда до инвеститорот сте ја одбрале опозиционата Струмица која ја води лидерот на СДСМ, кога секому му е јасно дека оваа општина со години намерно ја заобиколувате? Ако за изговор ви послужи Агрокор, тогаш добро знаете дека Струмица беше желба и избор на хрватската компанија а не Ваш избор, но дури и во тој случај се обидовте да го минимизирате влогот на Зоран Заев и Општина Струмица.

- Зошто го заборавате или го забошотувате случајот од 2008 год.  кога мултинационалната компанија   “Стијафилко“ сакаше да реализира голема инвестиција во Струмица? Направивте се’ таа инвестиција да пропадне, само Заев да не поентира од истата, а сето тоа на штета на потенцијалните 3.000 вработени.

- Зошто Премиерот од Мечкин камен ја повика опозицијата да се вклучи во изнаоѓање на странски инвестиции, а кога таква инвестиција по заслуга на опозицијата станува реалност, тогаш безобразно ја присвојува.

Од партијата на власт милуваат да кажат: “Долга е раката на ВМРО ДПМНЕ“ . И навистина било така. Таа  рака знае да го краде тоа што не и припаѓа.

 

 (Интегрален текст од реакција од Општина Струмица)

31.08.2013 - 14:05

најчитано сега