ФОТО: Наместо да казнува полицијата ги узурпира велосипедските патеки во Скопје

Кој да ја казни полицијата за непрописно паркирање на велосипедска патека?
Ова е прашањето кое си го поставуваат корисниците на социјалните мрежи откако утрово иницијативата „На точак“ објави фотографии на кои може да се види полициски Крајслер паркиран токму на велосипедската лента.
„На 11 јули Град Скопје почна со поставување на заштитни гумени столпчиња на првата велосипедска лента во Македонија на ул. „Климент Охридски“ која што секојдневно е узурпирана од паркирани возила. Десет дена подоцна, утрово ги добивме овие фотографии - не само што Министерство за Внатрешни работи не ги санкционира возилата кои без многу мака ги загрозуваат животите на велосипедистите, туку и учествува во истото! Еден #ВелоФотоРепортер разговарал со полицаецот кој посоветувал „Е добро де, можеш да ме заобиколиш, но внимателно! Не можам да застанам на лента за автомобили, брзо проаѓаат. Ќе се тргнам за 5 минути". Бараме итно поставување на столпчиња долж целата лента од Град Скопје и едукација на вработените и ангажман на Министерство за Внатрешни работи за ослободување на лентата од паркирани возила, активности кои ќе бидат чекор понапред кон статусот на велосипедистите како рамноправни учесници во сообраќајот.“ – стои на официјалната страна на иницијативата „На точак“
Ни скопјани и оние кои возат низ главниот град не се ништо подобри. Речи си и да нема период од денот во кој на овој булевар на велосипедските ленти нема паркирано возила.
Велосипедистите се жалат дека МВР не презема никакви мерки, а резултатот од тоа би можело да биде сообраќајна несреќа во која најдебелиот крај ќе го извлече некој кој решил да го користи својот велосипед како превозно средство.

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа









