Душебајев: Вардар засекогаш ќе остане во моето срце, пресреќен сум што си заминувам како херој од оваа ракометна земја!
Алекс Душебајев беше пресреќен во микс-зоната по завршувањето на натпреварот со ПСЖ, горд на остварената „мисија“ – освојувањето на пехарот во Лигата на шампионите како член на Вардар.
Тој летово се сели во редовите на Кјелце, но во последните месеци неколку пати повторуваше дека сака збогувањето да биде како европски првак.
-Пресреќни сме, немаме зборови за тоа што се случи. Одигравме како во транс, во два дена ги совладавме Барселона и ПСЖ, двата најголеми клубови во Европа. Вардар е европски првак, сите ние ќе останеме запишани во историјата бидејќи го израдувавме народот во Македонија, изјави Алекс Душебајев.
Шпанскиот десен бек беше еден од првите кои се приклучија на „црвено-црниот“ проект, работеше напорно и се развиваше како играч за да „експлодира“ сезонава и да се наметне како еден од најзаслужните за овој историски успех.
-Јас точно знаев каде доаѓам, во еден сериозен и амбициозен ракометен проект, во земја која живее за ракометот. Вардар засекогаш ќе остане во моето срце, пресреќен сум што си заминувам како херој од оваа ракометна земја, порача Душебајев.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа