Отчет на градоначалникот Трајановски: 2016 година успешна за Градот Скопје

Успешна 2016 година за реализираните проекти денеска во отчетот за сработеното ја оцени градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски. Според него, минатата година градот реализирал многу значајни инфраструктурни проекти кои се од големо значење за граѓаните на Скопје, а дел од нив кои се започнати во 2016 година ќе бидат завршени во април-мај оваа година.
- Во Кисела Вода во фаза на изработка е третиот дел од булеварот „Борис Трајковски“ кој очекуваме да биде готов во мај оваа година. Булеварот „Србија“ од Цементарница до кружниот тек „Христо Татарчев“ исто така ќе биде готов во април-мај оваа година, а завршена е улицата „Народни херои“. Следната година ќе продолжи реконструкцијата на вториот дел од „Народни херои“ која што ќе ги поврзе општините Аеродром и Кисела Вода. Во Општина Аеродром во завршна фаза е дел од булеварот „АСНОМ“, а во тек на реализација е булеварот „Трета Македонска бригада“ и се очекува да биде завршен во првата половина на 2017 година. Завршен е паркот на последна 5-ка на површина од 100 илјади метри квадратни. Оваа година ќе го почнеме и булеварот „Васко Карангелески“. Во општина Гази Баба завршен е надпатникот на бул. „Александар Македонски“ кој ги поврзува Хиподром и Инџиково. Завршен е булеварот „Маџари“ и кружниот тек на „16-та Македонска бригада“ во Железара, информира Трајановски.
Тој за оваа година најави и проширување на бул.„Александар Македонски“ од Агросервис до АСУЦ „Боро Петрушевски“. За Општина Чаир градоначалникот рече дека е завршена фекалната канализација по „Џон Кенеди“ и „Кемал Ататурк“, а во завршна фаза е и проширувањето на булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“. Трајановски најави проширување на „пластичарската“ улица чија реконструкција треба да започне до крајот на 2017 година.
- Во Бутел завршено е со атмосферската канализација на улицата „Боца Иванова“, а во фаза на реализација е првиот дел од „Христијан Тодоровски Карпош“. Во Шуто Оризари во 2017 година ќе се почне со атмосферската канализација по улицата „Индира Ганди“. Во општина Ѓорче Петров завршена е дел од „Партизанска“ од Порта Влае па се до кружниот тек „св. Петар и Павле“, завршено е проширувањето на улицата „4 јули“, а нанесен е и нов асфалтен слој на еден дел на улицата „Ѓорче Петров“. Во Сарај завршена е улицата „5“, асфалтирани се улици во Шишево и во тек е реализација на еден дел од улицата „Сарај“. Во општина Карпош во фаза на изработка е фекалниот колектор на булеварот „Партизански Одреди“, завршен е третиот дел од паркот „Македонија“, а во 2017 година ќе се реализира кружен тек кај Хубо маркетот, истакна Трајановски.
Според него, оваа година ќе почне проектирањето на надпатник од амбасадата на САД кон Визбегово.
За Општина Центар градоначалникот информираше дека во фаза на изградба е проширувањето на улицата „Тодор Александров“ и дека оваа година во план е и проширување на булеварот „Гологанов“. Во 2016 година, Трајановски рече дека се завршени и 17 проекти во 14 училишта кои биле реконструирани кровови, подови, санитарии...
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа









