Скопје не потклекна пред поларната зима - екипите постојано на терен

 

Се уште не им се гледа крајот на екстремно ниските температури и поларната зима кои го зафатија Скопје, како и цел Балкан и Европа. Во Скопје екипите се на терен, се расчистуваат патиштата и будно се следи состојбата. Поради екстремното студено време земјата се стега и прави притисок на цевките, кои и така се под притисок на водата и доаѓа до нивно пукање. Во Скопје вакви поголеми дефекти на водоводната мрежа засега нема и снабдувањето со вода е непрекинато.

- Водоводната мрежа во Скопје која е составена од различни димензии на цевки се наоѓа на пропишана длабочина, каде надворешните услови во овој случај многу ниските температури немаат големо влијание во однос на предизвикување на нови и несакани дефекти. Дефектите кои се појавуваа во последниве денови не се разултат на намалените температури, но секако мора да се нагласи дека справувањето со дефекти на вакви временски услови, за нас како претпријатие предизвикува потешкотии, кои досега успешно ги надминуваме. Ниските воздушни температури директно влијаат на работата, во однос на механизацијата како и човечкиот фактор, кој секако треба да се справи со проблемот, посочуваат од ЈП „Водовод и канализација“, пренесува Нетпрес.

Од водоводното претпријатие апелираат куќните совети да си ги изолираат отворените инсталации, кои ги имаат во зградите за да не дојде до замрзнување.

Замрзнувањето, кое некаде се случува во зградите или други објекти, истото не може да се случи ако инсталациите се прописно изведени од страна на инвеститорите. Значи првата опција против замрзнување би била изолирање на инсталациите, а доколку не се излолирани или непрописно изведени граѓаните или куќниот совет треба да реагираат кај инвеститорите или самите да ги изолираат. ЈП Водовод и канализација – Скопје има надлежност до водомер, а понатаму инсталациите се во сопственост на самите граѓани или куќните совети, велат од „Водовод“.

Во услови на рекорден студ, функционира и дистрибутивниот систем за снабдување со електрична енергија. Од ЕВН инфрмираат дека се вложуваат максимални напори за стабилна дистрибуција на електрична енергија, дури и во најоддалечените планински области.

- Во ниско напонската мрежа најголемите проблеми на екипите на ЕВН Македонија им создаваат одредени планински села, или населени места кои се наоѓаат на повисока надморска височина. Проблемот е само пристапот до одредени места каде што има поголеми навеви од снег или силен ветер и пробивањето на електромонтерите е отежнато. На целата територија на земјава екипите се постојано на терен. На местата каде што не можат да се пробијат со теренските возила, се употребуваат моторните санки,а на местата каде што и санките не можат да се движат, екипите на ЕВН се упатуваат пеш и се обидуваат да стигнат и до најоддалечените места без разлика дали има десетици или 2 корисника кои се без напојување, информираат од ЕВН.

Вкупната потрошувачка на електричната енергија од 5 до 10 јануари  изнесува 157.000 MWh и во однос на истиот период минатата година потрошувачката е зголемена за 26 проценти.

За чистење на снежните наноси од коловозите Градот Скопје оваа сезона располага со 24 возила и со доволно количество сол, односно со 2 500 тони сол. Екипите на зимската служба на Град Скопје интензивно работат на терен на расчистување на градските улици и булевари и тие се расчистени и проодни. На градските улици и булевари досега се фрлени 250 тони сол. Јавниот градски превоз се одвива непрекинато и вообичаено за овој период од годината. 

 

 
 
12.01.2017 - 12:05

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега