Коневски ги претстави најзначајните проекти за Аеродром за 2017 година

Изградба на тениски центар „Скопје“ во населбата Јане Сандански, преку јавно-приватно партнерство, нова градинка во Ново Лисиче со капацитет за повеќе од 250 дечиња и промена на фасадите на 10 згради со енергетски ефикасни материјали, се дел од покрупните проекти кои ќе се реализираат во 2017 година во општина Аеродром.
Буџетот на општина Аеродром за 2017 година изнесува 18 милиони евра, од кои 11 милиони се предвидени за дотации и плати во основните училишта и градинки и за општинската администрација. Седум милиони евра се планираат за реализација на проекти, за довршување на почнатите проекти во 2016 и за нови проекти предвидени за 2017 година.
На денешната прес-конференција градоначалникот на Аеродром Ивица Коневски најави дека во Стар Аеродром планирана е изградба на целосна комунална инфраструктура и асфалтирање на улиците „Пандил Шишков“, „Коста Новаковиќ“ и изградба на три нови улици во Индустриска зона (4, 6 и 8), нова улица во Мичурин („Новопланирана“ 7) и изградба на атмосферска канализација во Долно Лисиче.
- Во соработка со Град Скопје ќе работиме на проширување и реконструкција на булеварите „Трета македонска бригада“, „АСНОМ“, „Србија“ и „Февруарски поход“, изработка на проект за булеварот „АСНОМ“ на делот во Керамидница до новата сала, изградба и реконструкција на улицата „Васко Карангелевски“, изградба и реконструкција на атмосферска канализација во Долно Лисиче, рече Коневски. Додаде дека најзначајните проекти за 2017 година во општина Аеродром се однесуваат на подобрување на инфраструктурата, образованието и спортот.
Коневски потсети дека годинава реализирале повеќе проекти во сите населени места, како изградба на две нови улици во Мичурин, изградена е улицата „Руди Чајавец“ во Стар Аеродром, каде има нови тротоари и осветлување, во населбата Јане Сандански за неколку дена ќе биде пуштена во употреба новата градинка „Штркче“ со капацитет за 250 деца, изградени се нови паркиралишта...
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа









