Смрдливки го преплавија Скопје

 

Скопјани деновиве се пожалија на наезда од зелени бубачки, попознати како смрдливки. Од Службата за дезинсекција, дератизација и дезинфекција велат дека добиле многу телефонски повици од жителите на Радишани, Аеродром и Водно, кои барале да им се изврши дезинсекција, без оглед на цената.

Вработените во Службата им објаснувале дека не е потребна дезинсекција, бидејќи смрдливките не се опасни и им укажувале да не ги убиваат, бидејќи не се опасни, туку само испуштаат течност со непријатна миризба и наскоро ќе се повлечат во шумските предели каде што ќе мируваат скриени под лисјето се' до пролет.

Смрдливките не се преносители на заразни болести и не се опасни ниту за човекот ниту за домашните миленици. И покрај тоа многумина се плашат или пак се гнасат од овие зелени бубачки. На обидите на луѓето да ги фатат и да ги исфрлат надвор од дома, бубачките реагираат така што во самоодбрана ја испуштаат својата смрдлива течност. Некои, пак, сметаат дека луѓето треба да се среќни кога ќе видат смрдливка во својот дом, бидејќи според народното верување смрдливка дома значело пари во куќата.

„Навистина овој ноември се забележува дека многу е зголемен бројот на смрдливките. Луѓето од страв или од гадење бараат дезинсекција, а ни се јавија и од еден манастир од населбата Радишани каде што кога влегле да го реконструираат се запрепастиле кога внатре нашле цели колонии. Но, овие бубачки наскоро ќе се повлечат во шумите и ќе се скријат под лисјата се' до пролетта. Повторно ќе излезат кога надворешната температура ќе се искачи барем до 10 степени. Смедливките навистина не се штетни, освен што кај луѓето предизвикуваат непријатно чувство. Не треба да се газат и убиваат, затоа што испуштаат многу непријатна течност. Тие се летачки инсекти кои се појавуваат кога надвор има преголема влага и повисока надворешна температура. Колку е потопло и повлажно, толку повеќе се зголемува можноста да се размножат повеќе генерации. Се хранат со растителни остатоци, а најчесто со лисја. Спаѓаат во фамилијата на стеници, членконоги, а ги има како зелени, црвено-црни и кафени“, за Уртински вели Николина Соколовска, дипломиран земјоделски инженер во Службата за дезинсекција, дератизација и дезинфекција.

Од зелените бубачки луѓето можат да се заштитат само механички, да постават мрежи на прозорците за да не им влегуваат дома или да затворат врати и прозорци. 

 
 
14.11.2016 - 10:25

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега