Шеќеринска: Фер и демократски избори за излез од криза

 

Република Македонија ќе добие фер, демократски избори на кои што одлуката ќе ја носат граѓаните. Така и само така нашата држава ќе излезе од криза, изјави Радмила Шекеринска од СДСМ по денешните разговори на претставниците на партиите потписнички на Договорот од Пржино.

- На почетокот на целиот овој процес ветивме дека овој пат во Македонија прво ќе инсистираме да има обезбедни услови за фер и демократски избори, а дури потоа ќе обезбедиме договор за датумот  на изборите. Тоа овој договор го обезбедува, истакна Шекеринска.

Дополнително, како што додаде, ветиле дека сите еднострани потези од Владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ќе мора да ги повлечат, а тоа исто било обезбено со овој договор.

Шекеринска истакна дека владата договорена во Пржино, владата која, како што рече, има за цел да организира фер и демократски избори, т.н. преодна влада, ќе се врати, а Законот за внатрешни работи кој што беше голем проблем во преговорите ќе биде одложен за следната година.

Ваквиот развој на настаните и ваквиот договор, како што посочи, обезбедува услови Република Македонија да заврши со оваа криза која, потенцираше, ни однесе многу време, многу енергија и да обезбеди услови за фер и демократски избори.

- Сите договорени услови за обезбедување фер и демократски избори вклучително балансиран и целосен пристап на сите учесници кај медиумите, чистење на Избирачкиот список, учество во преодна влада која ќе организира вакви избори политичките партии ќе треба да ги потврдат на средба која ќе се организирана крајот на август, рече Шекеринска.

 
 
20.07.2016 - 18:49

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега