Мицкоски ги повика сите пратеници да гласаат за распуштање на Судскиот совет

 


Претседателот на Владата Христијан Мицкоски денеска од Велес ги повика сите парламентарни политички партии заеднички да работат на реформи во судството, по реакцијата на лидерот на опозициската СДСМ Венко Филипче за иницијативата за интерпелација на членовите на Судскиот совет.

- Процесот треба да е инклузивен, да имаме општествен консензус. Не сакаме ние да имаме ексклузивно право само ние да ги правиме тие измени. Ги повикувам сите пратеници во Парламентот, ако се согласуваат дека треба да се распушти овој Судски совет кој тие го гласале, да гласаат кога ќе дојде точката на дневен ред. Да бидат разрешени овие членови на Судскиот совет, а потоа заедно низ еден инклузивен процес да најдеме луѓе, кои ќе мониторираат и ќе идентификуваат судии кои злоупотребуваат тоа што се суди и кои што се причинители поради нивните контраверзни одлуки на некои процеси кои не треба да се случуваат, рече Мицкоски по доделувањето станови на социјално ранливите семејства во Велес.

Мицкоски истакна дека очекувал од СДСМ да бидат порационални во своите изјави.

- Мислев дека ќе застанеме зедно еднаш да обезбедиме национален консензус и заеднички да работиме на промените. Да не биде еднострано, да не бидеме ние обвинети дека правиме нешто кое е дел од коалицијата во Владата. Ги поканувам сите Парламентарни политички партии заеднички да го работиме овој процес. Да биде инклузивен да не биде дека нешто солираме, изјави Мицкоски.

Според него, потребен е општествен консензус за промени и заедничко работење.

- Но, неможе никако причината да стане решение. Причината за вакавата состојба во судството, а тоа е владата која седум години беше таму каде што беше и позади кои одлуки има многу контраверзии и скандали, посебно во судството. Не сакам да ве потсетувам на шверцерски поминатите измени на кривичниот законик со европско знаме, додаде премиерот.

Лидерот на СДСМ Венко Филипче вчера излезе со реакција на најавата на премиерот Мицкоски дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесат иницијатива за разрешување на членовите на Судскиот совет. Тој смета дека се потребни темелни реформи на правосудството, кои ќе значат независно и ефикасно судство кое ќе обезбеди правда.

- Не смее да дозволиме правдата која ја бараат граѓаните да се претвори во нова партизација и окупација преку смена на Судскиот Совет од страна на власта, напиша вчера Филипче на неговата Фејсбук страница, со барање следните чекори и реформи во правосудството да се прават со консензус на сите партии во Собранието.

Пратеничките групи на партиите од власта ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ денеска до законодавниот дом поднесоа интерпелација за работата на членовите на Судскиот совет кои се бираат од страна на Собранието.

07.02.2025 - 13:24

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега