Хрватските граѓани повторно ги бојкотираа продавниците

 

Хрватските граѓани се одзваа на повикот за бојкот на продавниците и услугите поради високите цени, но во помала мера од претходните два петока, кога имаше и бојкоти, покажуваат податоците на Хрватската даночна управа.

Денеска од полноќ до 15 часот во малопродажбата се издадени за 15 отсто помалку фактури отколку во петокот на 17 јануари кога немаше бојкот, додека вкупниот износ на издадени фактури е за 20 отсто помалку.

Во однос на минатиот петок, бројот на издадени фактури во продажбата на мало е поголем за 25 отсто, а вкупниот износ на издадени фактури е поголем за 37 отсто.

Кога станува збор за првиот бојкот, во петокот на 24 јануари, кога се јавија голем број граѓани, бројот на фактури е поголем за 48 отсто, а износот на фактурата е 58 отсто.


Јосип Келемен, советник на потрошувачката платформа Хало, инспектор, која ги повика граѓаните на бојкот, рече дека денешниот послаб одговор од граѓаните „не е фијаско“.

„Сè уште трошиме помалку. Сакаме да покажеме дека се слуша гласот на потрошувачот“, изјави Келемен за RTL и додаде дека само потрошувачот одлучува за купувањето.


Денеска е трет петок по ред во кој се бојкотираат продавниците, а од утре седум дена ќе се бојкотира еден малопродажен синџир. Преку анкета на социјалните мрежи, потрошувачите решија прво да го бојкотираат Конзум, најголемиот хрватски трговски синџир.

До вчера седум дена беа бојкотирани три трговски синџири – Лидл, Еуроспин и ДМ, како и набавка на флаширана вода, газирани пијалоци и детергенти.

Бојкотот го поддржаа синдикатите и опозицијата, како и владата.

Во меѓувреме, Владата донесе одлука да ја прошири листата на производи со ограничени цени, на која наместо досегашните 30 производи сега ќе има 70 производи.

Од денеска во продавниците мора да бидат видливи полиците со производи чија цена е ограничена.

Премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ изјави дека државата реагирала, но дека сега мора да се вклучат и други и дека „никој не би пропаднал ако цените беа малку поумерени“.

Хрватските медиуми јавуваат дека многу хрватски граѓани, кои живеат во пограничните области, се почесто се одлучуваат да пазаруваат во Словенија и Италија, каде цените често се многу пониски отколку во Хрватска.

07.02.2025 - 21:18

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега