Половина Скопје денеска цел ден без вода

Половина град денес ќе остане без вода поради приклучок на нова пумпна станица за водоводот во Шуто Оризари. Прекинот во водоснабдувањето ќе трае од 1 часот по полноќ до 22 часот, па оние кои не се избањале вчера, ќе останат небањати.
Без вода ќе останат корисниците од Бардовци, Визбегово и од индустриската зона покрај Качанички Пат, Шуто Оризари, Бутел 1, Бутел 2, населбата и селото Радишани, од Кучевишка Бара, Чаир, од населбите Скопје-Север и Топаанско Поле. Без вода ќе бидат и касарната "Илинден", високата зона на Кале во делот на Француски гробишта, високата зона на Гази Баба, населбата Железара, како и индустриските корисници во кругот на "Рудници и железарница" и високата зона на населбата Автокоманда.
Скопјани уште завчера беа информирани за денешниот целодневен прекин на вода, кој не е безначаен, особено во услови кога надворешните температури се многу високи. Во текот на вчерашниот ден граѓаните од засегнатите населби собираа вода во шишиња и буриња за да го издржат денот без вода. "За пиење и готвење ќе се купи, ама проблем е водата за лична хигиена. Утринското туширање ќе мора да се замени со вечерно, пред да снема вода, ни изјави вчера жител на Чаир.
Од ЈП "Водовод и канализација" најавија дека за потребите на граѓаните во деловите каде што е прекинот на вода, ќе има 4 цистерни.
"Две цистерни ќе бидат фиксни, нема да шетаат. Едната ќе стои во дворот на Гинеколошко-акушерската клиника Чаир, а другата во кругот на 'Железара' кај Центарот за дијализа. Останатите две цистерни ќе бидат мобилни, ќе одат во сите делови каде што се прекините. На бројот 307 3010 граѓаните за итни потреби ќе можат да повикаат една од цистерните", велат од "Водовод".
Приклучокот ќе биде на спојот на улиците "Словенечка" и на "Македонско- косовска ударна бригада". Од "Водовод" очекуваат работите на терен да завршат до 20 часот, за потоа да можат постепено да ја пуштаат водата. За да дојде до домовите на скопјани ќе требаат околу два часа, оти прво треба да се наполнат и резервоарите
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа









