Иванов: СЈО наместо да придонесе за излез од кризата, дополнително ја заплетка

 

Специјалното јавно обвинителство (СЈО) е злоупотребено во предизбирниот период. Ја поддржувам неговата работа, но сметам дека до изборите не може да затвори ниту еден случај од покренатите. Правна завршница ќе нема, а ќе има само памфлети кои ќе се користат во кампањи на избори за да се обвинуваат едни со други.

Ова го истакна претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов во одговор на прашања во заедничкото интервју за повеќе македонски телевизии.

- СЈО е институција за долг рок, а не за краткорочни цели и интереси кои некој сака да ги постигне. Нека завршат изборите и СЈО нека продолжи со работата. Очекувавме СЈО да придонесе за излез од кризата, а не дополнително да ја заплетка и да го искомплицира уште повеќе излезот. Ниту еден од покренатите предмети на СЈО не може да има правна завршница пред изборите. Предметите ќе траат со години и затоа велам по слободните избори СЈО нека работи слободно и нека го прават тоа за што се договориле лидерите на четирите најголеми партии, рече Иванов.

Нагласи дека СЈО треба да работи во интерес на граѓаните. - Нека ми објаснат од СЈО од 650 илјади снимки како ги нашле само овие за кои се покренати постапки и на која методологија им се заснова работата. Нека одговори СЈО како ги нашле само овие случаи. Не значи ли тоа кршење на Уставот пред кој сите сме еднакви, потенцира Иванов. 

Смета дека зад СЈО треба да стои Пржинскиот договор, лидерите и меѓународната заедница, а кој вистински стои треба да го кажат тие што функционираат надвор од договорот, надвор од согласноста на лидерите и меѓународната заедница.

- Времето ќе покаже кој стои зад СЈО. Да прекршувате нешто што е зацртано и е преземено како обврска со договорот меѓу четирите лидери и да се ставате само на една страна значи рушење на балансот, а секогаш кога се руши балансот во земјава имаме реакции и контрареакции. Со самото тоа што не се сака да се оди на избори се руши Пржинскиот договор. Преземените обврски мора да се исполнат. Ништо во Македонија не останува тајна. Ние сме таква земја што тајните или не траат или, пак, за кратко време се дознаваат, рече Иванов.

Тој нагласи дека е цинично да зборуваат за владеењето на правото во Македонија оние кои не спроведуваат веќе донесени одлуки на највисоко ниво.

- Малку е цинично некој да ни каже за владеење на право кога  не спроведува одлука на највисокиот суд на нашава планета, Судот на Обединетите нации, која е во наша корист. Сега кога ние треба да го користиме тоа право за нас не важи. Точно е дека со мојата одлука се доведува во прашање владеењеето на правото во земјава, но никој не може да спречи по одржувањето на слободните избори и конституирањето на институциите да спроведе постапка за  одговорност за кој било, вклучително и за мене, истакна претседателот Ѓорге Иванов.

 
 
14.04.2016 - 17:21

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега