ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ сака тотална контрола врз медиумите

Интегрален текст од соопштението на владејачката партија:
Граѓаните кои ги следат медиумите блиски до СДСМ или финансирани од Сорос повторно немаа прилика да ја слушнат вистината и да добијат вистинска слика за тоа што се случува во државата.
Ниту Телма ниту 24 Вести не известија дека Министерството за здравство спроведе набавка на нови 5 дополнителни мамографи за здравствените установи во Македонија, дека над 15 илјади лица нашле работа преку проектот „Македонија вработува“.
Ниту Телма ниту 24 Вести не информираа дека осумдесет милиони евра ќе бидат вложени во патната инфраструктура во Радовиш и околните места. Најголемата инвестиција во износ од 64 милиони евра е за изградба на експресниот пат Радовиш-Штип, во должина од 40 километри.
Вчера и Телма и 24 Вести поставија баланс, но меѓу себе. Во избалансираното новинарство кое е со амин на СДСМ, Телма на лагите и насоките од СДСМ посвети 1220 секунди, а 24 Вести за иста намена одвои 1570 секунди, во само еден програмски појас т.е. на само еден тв дневник. ТВ 24 Вести убедливо доминираше кога е во прашање натпреварот за ширење на измислиците на СДСМ во дебатни емисии, одвојувајќи 3322 секунди за манипулациите на СДСМ. Вкупно во еден програмски појас, дури 6112 секунди имаше на располагање СДСМ за да лаже и манипулира, паралелно неаргументирано напаѓајќи го ВМРО-ДПМНЕ.
Од почетокот на март на овие две телевизии во централните изданија на дневниците и дебатните емисии СДСМ доби76.263 секунди за ширење на лагите и конструкциите од фабриката за афери, како што беа т.н. афери со лични карти, пасоши, возачки дозволи, избирачкиот список.
Порталите за кои граѓаните немаат сомнеж дека работат како партиски гласила на СДСМ, како што се Нова тв, А1он, наградуваниот Фокус на Чауш и Арсиќ, Либертас, Плусинфо и другите вчера повторно беа посветени на обзбедување баланс на своето банкарско конто на кое легнуваат грантовите од Сорос и продуцираа текстови со неаргументирани критики кон ВМРО-ДПМНЕ и со промовирање на манипулативните тези и бесрамни измислици на СДСМ.
Ваква медиумска Македонија сака да гледа СДСМ. Сите портали и телевизии кои спроведуваат директиви од СДСМ се прогласувани за добри телевизии, а сите кои не се покоруваат на наредбите од Бихаќка треба да бидат казнети со одземање лиценци.
Тоа е лицемерието на СДСМ во врска со медиумите и правото на слобода на информирање. СДСМ не сака слободни медиуми. СДСМ сака тотална контрола врз медиумите.
Ваквото тоталитарно однесување на СДСМ кон медиумите одговара на стандардите на Северна Кореја и ИСИС.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа









