Крај на злобното цевче на алкотестот

Дојче веле - Бон
Речиси сите мораа да „дуваат‟ кога ги запирала сообраќајна полиција. Германската фирма Драгер конечно престанува со производство на тие цевчиња кои позеленуваат ако возачот пиел алкохол.
„Па да почнеме со оваа последна серија, треба само да се стисне ова копче. А цевчињата веднаш ќе почнат да излегуваат од лентата од машината‟. Работникот на компанијата Драгер, Хауке Глертз ја покренува машината во фабриката во Лајбах која со децении беше страв и трепет за возачите во светот, посебно за тие кои знаат да се напијат понекогаш. И навистина, кратките стаклени цевчиња набрзо почнаа да паѓаат на лентата од првата машина и се движат кон втората: „Таму во нив се става препарат со кој се мери количината на алкохолот‟.
Цевчињата се полни со сулфурна киселина и хемикалија која изгледа како жолт песок: тоа е калиумдикромат. Ако тој дојде во допир со алкохол, поприма зелена боја. Тоа е изум на оваа германска фабрика и тоа буквално беше пијана идеја, ни објаснува портпаролот на фирмата Херберт Гласс. „Приказната за тие цевчиња е дека во почетокот на 50-тите во самата фабрика се одржувала прослава на соработниците во лабораторијата, а следниот ден некои соработници се впуштиле во расправа, кој од нив најмногу смрди на алкохол. Од таа идеја настанал проектот за производство на тие цевчиња кои ќе ја мерат количината на алкохол во здивот и тој производ бил пуштен во продажба во 1953 година‟.
Доста се оргии по патиштата
Колку и да ни се чини денес тоа незамисливо, всушност на возачите порано не им било забрането да возат дури и по поголема конзумација на алкохол. Додуша, првиот возач кој бил казнет бидејќи се обидел да вози пијан, бил еден возач на такси во Велика Британија уште во 1897 година, но долго на полицајците единствен критериум за пијанство им бил дали возачот може да оди рамно по линија или дали може со затворени очи да најде каде му е увото (всушност, тоа навистина не е лесно по неколку испиени чаши).
Но, во 50-тите години од минатиот век автомобили имало се повеќе и се повеќе мртви во сообраќајни несреќи. Тогаш почнал општ прогон на пијаните и припивнатите возачи. Производот од фирмата Драгер дошол во вистински момент и тоа било раѓање на таа злобна реченица „Ве молам, дувнете тука...‟. Тие цевчиња германската фирма ги испорачувала на полициите во светот, а во Германија се користеа се до 90-тите години од минатиот век.
„Сега доаѓа контрола, дали цевчињата излегле исправно. Потоа прво се проверува дали стаклото не е прснато и дали има доволно кристали во нив и дали во нив ги има сите потребни состојки. Ги споредувам со примерок кој стои тука на местото на контролата‟ - објаснува работиникот на Драгер, Гертз.
„Па тоа е наше најпознато цевче!‟
Сите негови движења се и повеќе од вешти, тоа веќе го правел многу пати. Сепак, кај оваа последна серија и кај работниците на фабриката се јавува носталгија. Шефот на смената Андреас Милер ни признава: „Тоа беше престижен производ на фирмата Драгер и секако дека сега сме малку носталгични. Па тоа е најпознатото цевче кое некогаш сме го произведувале тука!‟
Бидејќи такви хемиски проби на алкохол веќе долго не ги користи германската полиција и целото производство одеше во извоз, објаснува портпаролот Херберт Гласс. „Последниот муштерија кој купи поголема количина беше меѓу другите и полицијата во Шри Ланка. Но, во последните години се порачуваат се помали количини, така и оваа последна серија ќе ја ставиме во магацин, да видиме кој ќе ја купи‟.
Бидејќи можеби многу возачи ќе се израдуваат на веста дека Драгер повеќе не ги произведува тие цевчиња, но лоша вест е дека денес постојат нови, електронски уреди кои се многу попрецизни. Само постарите возачи уште се сеќаваат на стравот „дали ќе позелени‟ и на генерациите кои делеа совети како да ја измамиме сообраќајната полиција. Мастика за џвакање, ментол бонбони, грицкање на зрно кафе... Имаше и егзотични совети, на пример во уста да се стави малку јаглена прашина. Ма колку и да звучи одвратно, всушност тој совет не беше лош, но ја спушташе количината на алкохолот во здивот можеби само за еден промил или два. Значи ако сте испиле цело шише ракија, нема тука никаква надеж.
„Дувајте тука...‟
Тие трикови немаат шанси пред денешните уреди. И нив ги произведува Драгер, а Гласс само ни објаснува: „Сензорот во апаратот специфично ја мери количината на алкохолот во здивот и целосно не реагира на други елементи. Со тоа се добиваат и многу попрецизни резултати отколку што се добиваа со цевчето‟.
Уредот за алкотест е стандардна опрема на Карол Ајхман. Таа е од полициската станица во Лајбах и ова црно апаратче со големина на мобилен телефон и само три копчиња секогаш е во нејзиното службено возило. Употребата е многу едноставна, објаснува полицајката: „Цевчето за уста е во една кесичка и тоа се фрла по употреба. Се вади и се става на апаратот, слушнавте како направи клик, тоа значи дека е зацврстено. Уредот се вклучува на ова копче... ‟. А потоа и на нас ни ја кажа таа злокобна реченица: „Дувајте тука додека не ви кажам стоп. Уште, уште, уште... Стоп!‟.
И навистина, веднаш на екранот на уредот се појави вредноста и тоа во точност со два броја зад децималната запирка. Од старо време всушност во законите на многу земји се уште постои можност возачот да побара дополнителна лекарска контрола и утврдување на дозата на алкохолот во самата крв. Но, полицајката од своето секојдневно искуство знае: немате шанси, апаратот е доволно прецизен и практично никогаш не се случува вредноста на крвта да покаже друго ниво на алкохол во неа. А потоа тука доаѓаат и тајни за кои полицајката не сака да зборува. Бидејќи оваа германска фирма произведува и апаратчиња кои кај возачот и сомнителни лица можат да најдат и други уште поопасни опијати и наркотици.
Времињата се менуваат...
Карола Ајхман стапила во полиција уште во времето кога и таа ги користела легендарните цевчиња. И таа помалку е носталгична кога ќе се сети на тие денови: „Се уште го имам тој звук додека го сечете стакленото цевче со малечок скалпел, бидејќи цевчињата мора да се отворат пред употреба. Тоа чувство го имам додека се сече цевчето. Да, носталгија, но Боже мој, времињата се менуваат и поради тоа сигурно нема да ронам солзи‟.
Машината во фабриката Драгер за производство на хемиски алкотестови веќе следните денови ќе биде демонтирана и ќе оди за старо железо. На цевчињата дефинитивно е дојден крајот, но мора да се каже дека ја исполнија својата должност. Бројот на загинатите во сообраќајните несреќи во Германија почна да се намалува кога беше воведена забрана за возење под дејство на алкохол и всушност постојано паѓа, со исклучок на годината по обединувањето на Германија, се до ланската година.
Во 2015 година по долго време во Германија повторно е забележан мал но сепак раст на бројот на загинати во сообраќајни несреќи. Но, денес многу почеста причина за сообраќајни несреќи не е бидејќи возач бил пијан, туку затоа што го користел својот мобилен телефон.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа









