ВМРО-ДПМНЕ: Сега кога Чаушот им го нема, тажно е во СДСМ
Стравот од избори на СДСМ продолжува да е главен уредник на очајните и панични соопштенија кои доаѓаат од Бихаќка, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Во продолжение следува интегрален текст од соопштението на владејачката партија:
Најново е што според СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ е виновно затоа што Карефур заминал од Македонија. За СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ е одговорно бидејќи граѓаните одлучиле тоалетната хартија, шампоните и детергентите да ги купуваат онаму каде што сакаат. Смешно и апсурдно.
Фактот кој го боли СДСМ и со кој партијата не може да се помири е дека владата на ВМРО-ДПМНЕ создаде далеку подобри услови за влез на странски инвеститори во Македонија. Дел од нив како Џонсон Контролс, Ван Хул и Технохозе во Македонија ја реинвестираат и добивката.
Разликата е очигледна и граѓаните ја заокружуваат девет изборни циклуси по ред.
Во време на СДСМ инвеститорите бегаа од Македонија. Се купуваа бисери и коњи наместо да се создадат услови за влез на странски инвестиции. Се подигаа кредити со кои не се правеше ништо, а владата на ВМРО-ДПМНЕ ги отплаќа и ден денес, додека паралелно се градат автопати, студентски домови, има повеќе од 50 директни странски инвестиции, повеќе од 150.000 нови работни места и повеќе од 800 милиони евра субвенции во земјоделието.
Единствениот бизнис за чие затворање навистина се повредени и во паника во СДСМ е затворањето на Фабриката за афери на СДСМ.
СДСМ бидејќи нема програма, идеи, дела зад себе и способност за работење се потпре на блискиот соработник на Заев, Захир Бекири – Чауш да им ги храни тезите за лаги и манипулации.
Сега кога Чаушот им го нема, тажно е во СДСМ. Кога ја нема Фабриката за афери, а во комплетно отсуство на позитивни идеи од СДСМ, нема СДСМ со што да ја обвинува Владата на ВМРО-ДПМНЕ, па затоа на Бихаќка започнуваат со халуцинации во какви што само тие можат да западнат.
Будењето им доаѓа за 78 дена и нема да биде воопшто пријатно за нив. Меѓутоа, тука никој веќе не може да им помогне.
На 24 април доаѓа крајот на ваквиот СДСМ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа