Денови на грмотевици - како да се заштитиме од невреме?

Молњите патуваат меѓу облаците на растојание до 32 километри. А од атмосферата до Земјата можат да патуваат и до 14 километри. Тие патуваат со брзина од 30480000 метри во секунда.
Бидејќи ова е електрично празнење, кога патува низ воздухот, молњата го загрева воздухот. Загревањето предизвикува екстремно и насилно, брзо ширење на воздухот. Молекулите од загреан воздух се движат во сите насоки и се судираат со постудениот воздух. Овие судири произведуваат „бранови“ од гласен, неправилен татнеж наречен гром.
Неколку совети за како да се заштитите од силното невреме,овие работи сигурно не сте ги знаеле.
КАКО ДА СЕ ЗАШТИТИТЕ ОД ГРМОТЕВИЦИ
Атмосферските електрични празнења значително зачестуваат во летните месеци кога и атмосферата станува многу понестабилна. Ова е периодот кога секој од нас најчесто излегува на вода, односно на отворено. Доколку се најдете среде бура со грмотевици, треба да знаете како да се заштитите - особено доколку се наоѓате на отворено.
Најдете соодветно засолниште
Ако започне бура со грмотевици, треба веднаш да побарате соодветно засолниште. Најсоодветни се цврстите градби кои имаат заземјување, водоводна и канализациона инсталација и по можност громобран. Малите структури, како што се преносните бараки и јавните тоалети не се најумен избор, а стоењето под осамени дрвја е крајно опасно. Доколку имате автомобил на располагање (со тврд покрив), веднаш влезете во него - металната каросерија на автомобилот претставува Фарадеев кафез, што значи дека дури и ако громот удри во неа, електрицитетот не може да навлезе во внатрешноста на кафезот, туку ќе помине околу него, а Вие ќе бидете совршено безбедни.
Како добро засолниште може да послужат и вдлабнатини во карпи, кањони или некаков шанец во земјата, дол или некој помал расед, густа шума од дрвја, но секогаш изберете го дрвото со пониска крошна од останатите и сл.
Умно планирајте
Ако се најдете на планина или пак во чамец, во миговите кога ќе започне бура со грмотевици, ќе Ви биде многу тешко да најдете засолниште. Затоа треба да ги планирате сите активности во склад со временската прогноза, за која треба да консултирате повеќе извори. Доколку во текот на некоја активност забележите како целото небо се помрачува со облаци или пак започнува да врне, тогаш можеби треба да размислите за враќање назад. Сепак внимавајте, гром може да удри и кога нема ниту еден од наведените индикатори - забележани се случаи кога громови удирале и до 20 километри оддалеченост од хоризонтот на бурата.
Минимизирајте го ризикот
Ако во мигот кога ќе започне бура се наоѓате на место каде што не можете да дојдете до засолниште, треба да направите сè да го минимизирате ризикот од удар од гром. Веднаш придвижете се кон пониска почва. Избегнувајте големи, отворени пространства во кои сте највисокото нешто наоколу. Избегнувајте изолирани и осамени дрвја или бандери. Ако сте влезени во вода или се возите со чамец, трудете се да излезете од водата колку што можете побргу. Не влегувајте во водата затоа што така го зголемувате ризикот од удар. Не барајте засолниште во возила што нема да ја завршат работата (колички за голф, кабриолет автомобили итн.), ниту пак во градби кои не даваат заштита од громови - пикник куќички и летниковци. Избегнувајте и стоење близу до големи метални структури.
*Спротивно на популарното верување, гумените обувки не играат никаква улога во заштитата од громови.
Преземете заштитни мерки пред удар
Доколку се сомневате дека бурата ќе помине низ местото каде што се наоѓате, што во голема мера ги зголемува шансите да бидете погодени од гром, веднаш направете ги последните заштитни мерки. Доколку сте дел од група, веднаш распрснете се, на најмалку два до три метри растојание еден од друг. Клекнете на земја, спојте ги стапалата, свиткајте се нанапред, склопчете се (со главата помеѓу колената) и ставете ги дланките врз ушите. Оваа положба е тешка за одржување и не гарантира дека нема да бидете погодени, но доколку се случи да бидете, намалената површина ќе предизвика електрицитетот да помине преку Вас, а не низ виталните органи. На тој начин се зголемуваат шансите за преживување.
*Во никој случај не легнувајте на земја, затоа што така создавате поголема површина за удар.
Како да препознаете непосреден удар од гром?
Неколку секунди пред громот да удри во Вас или пак во непосредна близина, можете да почувствувате наежување на кожата и подигање на косата. Малите метални предмети можат да започнат со вибрирање, а Вие можно е да чуете звуци на крцкање.
*Графитните трски го привлекуваат громот и ќе почувствувате пецкање на рацете. Ако препознаете некој од овие знаци, АЛАРМОТ МОРА ВЕДНАШ ДА ВИ ПРОРАБОТИ веднаш фрлете ја опремата на земја и треба веднаш што подалеку од неа (4-5 метри) да клекнете во заштитната положба.
Мерки за претпазливост на затворено
Кога ќе успеете да најдете засолниште, сепак треба да преземете одредени мерки за заштита. Избегнувајте користење фиксен телефон, не ги допирајте цевките од водоводната мрежа, не се туширајте и исклучете ги сите електрични уреди. Затворете ги прозорците, не стојте на отворено (врати или прозорци) и чекајте бурата да помине. Не излегувајте 30 минути по последната грмотевица. Секогаш седете на средината од собата или просторијата и исфрлете ги од себе сите метални предмети.
Помош на жртва од гром
Доколку некој во близината го удри гром, веднаш повикајте брза помош. Потоа утврдете дали има пулс, а доколку нема, обидете се со вештачко дишење повторно да му го активирате срцето. При вештачкото дишење не се откажувајте прерано иако лицето може да изгледа дека е усмртено. Повторете повторно и повторно, можеби вие сте му единствената шанса за спас. Доколку е погодена група на луѓе. Секогаш интервенирајте кај оние кои изгледаат усмртено, оние што појавуваат било какви знаци на живот, преживуваат со голема веројатност. Ако постои шанса од нов удар - да, громовите можат да удрат и по двапати на исто место, обидете се да го поместите на побезбедна локација. Жртвите од удар на гром не задржуваат електричен полнеж, па затоа не плашете се да им пријдете.
Извор: Рибар.мк
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа









