Битола 1988 година: Пелистер-Металопластика-тепачка која се памети (ВИДЕО)

 

Дербито од ракометниот шампионат во Југославија кое се одигра во 1988 година во Битола, помеѓу домаќинот Пелистер и Металопластика од Шабац ќе остане запаметено по жестока тепачка во која подебелиот крај го извлекоа гостите.

Играчите на Шабац беа претепани, дресовите им беа искинати, а во таа општа гужва им беше украдена и опремата која им беше на клупата.

Тренерот на Металопластика Славко Новаковиќ тогаш изјави:

- Пред почетокот на натпреварот, додека играчите се загреваа на теренот со мотор влезе познатиот битолски навивач Мате Шундевски. Се возеше на теренот, а публиката на трибините го поддржа со овации. Врвот на тој ракометен натпревар беше кога Исаковиќ промаши седмерец, а Мате од публика истрча да му честита на голманот на Пелистер. Знаете ли тогаш што направи судијата? На Мате Шундевски му покажа жолт картон! Жолт картон на навивач?! И тогаш на крајот, ѕверско тепање на играчите од Шабац.

Миле Исаковиќ, тогашното лево крило на светот, доби неколку удари со нога во глава. Поради тоа, ден по натпреварот, главата му беше цела во завои, исто така и десното око.

- Не знам кој се ме држеше, но знам дека со раце и нозе ме удираа Крстевски и Зечевиќ. Им возвратив колку што можев. Но, тепаа сите и играчите на Пелистер и публиката и полицијата.

Гужвата започна кога Исаковиќ и Вујовиќ истрчаа кон записничката маса да протестираат зошто не го стопираат времето. Од таборот на Пелистер го обвинуваа Вујовиќ, дека го искинал записникот од натпреварот.

- Не е точно дека го искинав записникот. Имав лепак на рацете, оној што ние ракометарите го користиме поради лесно фаќање на топката и кога удрив со рака на масата, записникот ми се залепи на рака и тоа е се. Кај Исаковиќ има една копија. Можете и сами да се уверите дека записникот не е искинат.

Голманот на Шабац, Дејан Лукиќ помина најлошо во битолскиот инцидент, кој се здоби со скршена носна коска, крвави модрици под десното око.

- Се уште не можам да верувам дека ова ни се случи. Се почна во оној момент кога од трибините на теренот беше фрлено стаклено шише. Дотрчав до тоа место и во тој момент кога се наведнав да го земам остатокот од шишето и да му го дадам на делегатот, еден резервен играч меудри со рака по врат. Го бутнав. Тогаш истрча Зечевиќ и со тупаница ме удри по нос. Потоа ме дофатила двајца полицајци. Едниот ми ја свитка раката, а другиот ме удри во пределот на бубрезите.

Комисијата на Ракометниот сојуз на Југославија првично изрече казни за актерите на инцидентот. Така на пример, ракометарот на Пелистер Цане Крстевски беше казнет со доживотна забрана за играње ракомет. Неговиот соиграч Зоран Зечевиќ беше казнет со три години забрана за игра, Слободан Кузмановски од Металопластика со две  години казна, неговиот клупски другар Миле Исаковиќ една година, а Веселин Вујовиќ доби девет месеци забрана за играње ракомет. Поради лошата организација покрај паричната казна, Пелистер беше казнет и со забрана за игра на пет натпревари во салата Младост во Битола.

Металопластика таа сезона ја освои шампионската титула, додека Пелистер со пласманот во четвртфиналето EHV купот оствари наголем клупски успех во европските натпревари.

 

 

Оцени ја веста

29.04.2015 - 14:56

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега