Прилеп со потенцијали за кинески инвестиции

Амбасадата на Народна Република Кина на кинеските инвеститори и бизнисмени ќе им го претстави Прилеп со сите потенцијали за идно инвестирање, најави амбасадорот на НР Кина Вен Зеншун во Македонија при денешната посета на општина Прилеп, каде оствари средба со градоначалникот Марјан Ристески.
Според амбасадорот Зеншун, Прилеп има големи потенцијали.
- Задоволство ми е што сум во Прилеп. Народот во Народна Република Кина и народот од Македонија имаат добри заеднички односи, особено ми е задоволство што Прилеп има одлични односи со кинескиот град Деанг. Со градоначалникот разговаравме како да ги унапредиме односите. Преку разговорите сфатив дека има големи потенцијали за идна соработка. Кинеската амбасада ќе им го претстави Прилеп на кинеските инвеститори и на бизнисмените за да инвестираат. Ќе го претстави во сите области, и во образовението и во културата, изјави амбасадорот Зеншун.
Според прилепскиот градоначалник Ристески, Прилеп веќе е збратимен со градот Деанг и досега се остварени две возвратни средби. Особено внимание привлекуваат белиот мермер и зоните за инвестирање.
- Амбасадорот Вен Зеншун го запознавме со сите можности за инвестирање во Прилеп, со Слободната економска зона, со индустриските зони, со можноста во кои области може да се привлекуваат инвестиции од Кина. Ќе ја продлабочиме соработката со збратимениот град Деанг, еден од битните градови во областа Сечуан во Кина, рече Ристески.
Интересот од кинеска страна, како што укажа, е голем, посебно за прилепскиот бел мермер, а разговарано е и за хидроцентралите Чебрен и Галиште, за компанијата „Еурокомпозит“ и за можноста за нивно идно инвестирање.
- Тоа ќе значи подобрување на економските односи и зголемување на странските инвестиции, особено кинеските, во Прилеп и во Македонија, рече Ристески
Оцени ја веста
22.04.2015 - 14:07
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа









