Одбележани 72 години од депортацијата на македонските Евреи

Со голем број комеморативни активности во Скопје, Битола и во Штип, денеска се одбележуваат 72 години од холокаустот и депортацијата на 7.144 македонски Евреи во концентрацискиот логор Треблинка.
Во Скопје, делегации на Собранието на Република Македонија, Владата на Република Македонија, претставници од канцеларијата на Претседателот на Република Македонија, делегација на Советот на Град Скопје, делегации од политички партии, општини, странски претставништва и граѓански здруженија положија цвеќиња на местото на привремениот логор – Монополот и на Еврејските гробишта во Бутел.
Во рамки на комеморативните активности, претставници на Еврејската заедница во Република Македонија остварија средба со градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.
- Секој 11-ти март со болка во душата се сеќаваме на тој мрачен ден, кога 7144 македонски Евреи, наши сограѓани, беа депортирани во Треблинка и никогаш не се вратија во нивниот град, во нивното Скопје. И денеска, кога се навршуваат 72 години од депортацијата на еврејското население, скопјани не можат да ги заборават своите вредни соседи – еснафи, сеќавајќи се со носталгија на Еврејското маало, на добрите и пријателски соседски односи и на долгогодишниот заеднички живот кој заемно го граделе и негувале. Во исто време, им оддаваме почит, не само на жртвите припадници на Еврејската заедница од Скопје и Македонија, туку и на сите други Евреи од Европа и светот кои ги загубија своите животи во Втората светска војна, кажа градоначалникот Трајановски.

Претседателот на Еврејската заедница во Македонија, Берта Романо Николиќ говореше за еврејската заедница низ годините, Еврејското маало во Скопје, како и нивниот белег кој засегогаш го оставија на Скопје.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа









