ВМРО-ДПМНЕ: Целта на СДСМ е да ја превземе власта без поддршка од граѓаните

ВМРО-ДПМНЕ вечерва преку соопштение оцени дека Зоран Заев и СДСМ покажале дека сакаат да ја држат целата држава во уцена со креирани, монтирани и менувани разговори по телефон без никаква автентичност и оти СДСМ не е ништо повеќе од прислужник на сценарио кое има цел да ја дестабилизира Македонија.
- СДСМ има цел да го сруши угледот на државата, да ја преземе власта без поддршка од граѓаните, а на своите наредбодавачи да им помогне да ја урне Македонија на коленици пред барањата и уцените на тие странски центри кои воопшто не и мислат добро на Македонија, се вели во соопштението од партијата.
Според ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ денеска одржал партиски митинг, донел луѓе со автобуси и ги повторил истите тези за кои, стои во соопштението, зборуваат девет години и никогаш не добиваат поддршка од граѓаните.
- Апелираме до нив да продолжат со вакви естрадни и квази-фестивалски настани, а ние ќе продолжиме да си ја работиме нашата работа, да привлекуваме инвеститори за да отвораат фабрики во нашата држава, да градиме патишта, да реконструираме болници и училишта, да продолжиме со зголемување на плати, пензии и социјални трансфери, да помагаме на земјоделците, да набавуваме автобуси и нови возови, да градиме булевари, ќе продолжиме да работиме, стои во соопштението на владејачката партија.
ВМРО-ДПМНЕ додава дека нема да дозволи Зоран Заев да си поигрува со иднината, стабилноста, со економскиот развој и со перспективите на Македонија
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа









