Францускиот државен секретар за воени ветерани во посета на Македонија

Во рамките на одбележувањето на стогодишнината од Првата светска војна, францускиот државен секретар за воени ветерани и сеќавања Жан-Марк Тодескини ја најави својата посета на Македонија, јавува дописникот на МИА од Париз.
Како што се вели во соопштението за печатот на француското министерство за одбрана, покрај Македонија, државниот секретар Тодескини ќе ги посети уште и Грција и Србија.
- Оваа посета има за цел да потсети на важноста на борбите кои се водеа во овој регион меѓу 1915 и 1918 година, често заборавени и да им се оддаде почит на француските војници кои загинаа надвор од границите на нивната земја, се вели во соопштението.
Во текот на посетата на Македонија во понеделник 9 и вторник 10 март, државниот секретар на Франција ќе биде пречекан и ќе има разговори со македонскиот министер за одбрана Зоран Јолевски во Охид. Во вторникот, тој треба да положи цвеќе на француските воени гробишта во Битола, каде ќе биде свечено положен првиот камен од идниот музеј посветен на Првата светска војна во Битола. Во Музејот на Битола ќе ја отвори и изложбата на фотографии од Фондот на браќата Манаки, посветена на првата свестка војна.
Во Битола тој ќе ја одликува со Легија на честа Калиопа Стилиновиќ, почесниот конзул на Република Франција во Македонија, како и полковникот Енвер Јакупи поранешниот воен аташе на Република Македонија во Франција со Медалја на француската национална одбрана со златен степен.
Во Битола францускиот државен секретар ќе има средба и со ученици од франкофонските класови од гимназијата „Јосип Броз Тито“ на темата на „Источниот Фронт“, по што ќе замине за Скопје каде ќе положи цвеќе на француските воени гробишта, а ќе биде откриена и спомен плоча во франкофонскиот парк во Скопје.
За време на посетата на Македонија, Жан-Марк Тодескини покрај средбата со македонскиот министер за одбрана ќе биде примен од претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, а потоа ќе има работен ручек со членовите на комисијата за одбрана на Собранието на Република Македонија.
На овие средби ќе бидат разгледани бројните иницијативи кои се во тек за одбележување на стогодишнината од Првата светска војна со своите вчерашни и сегашни сојузници на Франција, како и билатерланите односи посебно во областа на одбраната.
Посетата на францускиот државен секретар ќе заврши со прием во резиденцијата на Франција во Скопје на која е највено учеството на министерката за култура Елизабета Канчевска Милевска, француската заедница од Македонија и партнерите кои работат на одбележувањето на „Источниот Фронт“.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа









