Се продава парцелата за изградба на меѓуградска автобуска станица во Охрид

Општина Охрид го огласи на продажба градежното земјиште наменето за изградба на меѓуградска автобуска станица. Почетната цена за локацијата изнесува 50 евра за квадрат, а целата градежна парцела изнесува 11.997 метри квадратни, со дозволена поврѓина за градење од 10.252 метри квардатни.
Во огласот објавен во медиумите како и на општинската интернет-страница стои дека намената на земјишето во државна сопственост е за изградба на комунална супраструктура – автобуски терминал со компатибилни класи на намени, согласно Табеларен преглед во кој се дадени податоци за градежната парцела, број на катастарска парцела опфатена со градежната парцела, површина на градежна парцела, максимална висина на венец, компатибилни класи на намени.
Право на учество на јавното наддавање имаат физички лица и правни лица од Република Македонија како и физички и правни лица од странски земји, во согласност со законските процедури и правилници. Депозитот за учество на јавното наддавање е околу 60 илјади евра или точно 3.803.049 денари.
Заинтересираните физички и правни лица поднесуваат пријава за учество на јавното наддавање во електронска форма на www.gradezno-zemjiste.mk, а подетални информации за потребнатa документација може да се најдaт во рамки на огласот.
Освен потребната документација, во пријавата за учество треба да се приложи и Банкарска гаранција во износ од сто илјади евра во денарска противвредност за серизност на понудата со рок на важност до 15 јуни 2015 година, со која понудавачот ќе гарантира доколку е избран за најповолен понудувач дека ќе ја уплати крајно постигната цена за отуѓување на градежното земјиште на електронското јавното наддавање, во рок од 15 дена од денот на приемот на писменото известување за избор.
Пријавите за учество на јавното наддавање можат да се достават до 8 април до 16 часот на интернет адресата www.gradezno-zemjiste.mk. Јавното наддавање ќе се оддржи електронски на истата интернет страна на 15 април 2015 година, во 10 часот и истото ќе трае 15 минути.
Општина Охрид постапката за реализирање на проектот за изградба на нова автобуска станица ја отпочна по одлуката на Советот на општината во октомври минатата година кога беше усвоена Предлог-одлука за оттуѓување на градежно земјиште во сопственост на Република Македонија наменето за изградба на тој инфраструктурен објект.
Земјиштето за изградба на автобуската станица беше понудено и во рамки на брошурата „Инвестирајте во Охрид“.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа









