Рекорден извоз на храна во 2014 година

Извозот на храна во 2014 година изнесува 388,2 милиони долари и е на рекордно ниво во последните десет години, покажуваат податоците на Народната банка на Македонија. За десет години, споредено со 2004 година кога вкупниот извоз на прехранбени производи изнесувал 125,6 милиони евра, сега девизниот прилив од извоз на храна е три пати поголем, пишува Лидер.
Податоците на Народната банка покажуваат дека извозот на храна во 2014 година е за 42 милиони долари поголем споредено со 2013 година.
Во исто време на рекордно ниво е и увозот на прехранбени производи, но со побавно темпо на раст, споредено со извозот и е вредносно скоро двојно поголем.
Според податоците на Народната банка, увозот на храна во 2014 година е 684,9 милиони долари. Тоа е скоро двојно повеќе споредено со увозот од пред 10 години во 2004 година. Само за една година увозот на прехранбени производи е за 3 милиони долари поголем споредено со 2013 година.
-Ние важиме за земја која има квалитетни земјоделски производи. Имаме имиџ на земја со препознатлив вкус на производи и тоа треба да го зачуваме. Тешко е да се направи имиџ , но лесно е да се загуби, вели за Лидер Драги Димитриевски од Факултет за земјоделски науки и храна.
Лидер претходно анализираше дека и извозот на овошје и зеленчук руши рекорди.
За 2014 година, според податоците на Народната банка извозот на овошје и зеленчук изнесувал 209, 1 милиони долари. Ова е досега рекордна вредност , а истовремено рекордна вредност во 2014 година забележаа и вкупниот извоз на прехранбени производи. Според бројките, извозот на овошје и зеленчук што е најголема ставка во вкупниот извоз на храна во државата во 2014 година е за 15 милиони долари вредносно поголем споредено со претходната 2013 година , кога се продадени производи на странските пазари во вредност од 193, 2 милиони долари. Во 2012 година извозот на овошје и зеленчук изнесувал 175, 4 милиони долари , во 2011 197, 1 милиони долари , а во 2010 година 181, 1 милиони долари.
-Силно влијание врз порастот на извозот има преработувачката индустрија во земјата која што мислам дека во целина ќе биде еден од иницијалните фактори за вкупниот пораст на економијата во претстојниот период. Особено значајно е ако се има предвид дека во тие производи од преработувачката индустрија има висок процент на т. н додадена вредност што во крајна линија ќе се манифестира врз целокупната стапка на пораст на БДП. Извозот се зголемува како резултат на се поголемата заинтересираност на странските пазари за купување на наши производи, вели универзитетскиот професор Томе Неновски.
Во исто време расте и увозот на овошје и зеленчук, но вредносно е двојно помал во извозот. Според податоците на НБРМ во 2014 година се увезени овошје и зеленлук во вредност од 94, 5 милиони долари,, додека во 2013 година увозот изнесувал 83, 9 милиони долари, што е зголемување з 10, 6 милиони долари. Во 2012 година увозот на овошје и зеленчук изнесувал 116, 7 милиони долари, а во 2010 – 79, 3 милиони долари.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа









