Почна исплатата за оштететните од поплавата во неготинско

 

Почна исплатата на парични средства за оштетените од поплавата во неготинското село Војшанци, соопшти денеска директорката на неготинскиот Центар за социјални работи Роза Јаневска по посетата на семејствата, пренесува МИА.

Како што информира Јаневска, во обезбедувањето помош се вклучи и фабриката „Копер” од Неготино која донираше девет шпорети на дрва.

- Веднаш по поплавата Центарот активно им помогаше на настраданите. Беа преземани повеќе активности. Дел од семејствата се вклучени во народната кујна, една старица беше сместена во старски дом, рече Јаневска.  

Според Оливера Анѓелкова од „Копер”, хуманитарната ориентација е една од приоритетните во компанијата. - Овојпат својата хуманост  ја изразуваме преку донирање шпорети за семејствата кои настрадаа од поплавата, рече Анѓелкова.

Градоначалникот на Неготино Ванчо Апостолов исто така  ги посети семејствата кои претрпеа штети од поплавата во јануари кога се излеа Војшанска река. Тој потсети дека тогаш беа оштетени водоводната, канализациската и патната инфраструктура, како и неколку куќи во селото. 

- Во соработка со Владата и Министерството за труд и социјална политика формиравме комисии кои ги проценија оштетувањата, рече градоначалникот, нагласувајќи дека настраданите семејства веќе ја добиваат помошта а животот во селото продолжува со нормален тек.

 

Фабриката „Копер” и претходно има донирано за социјално загрозени семејства, а како што нагласи Јаневска, соработката со Центарот ќе продолжи и во рамки на акцијата „Се грижиме за топол дом”. Таа ги повика сите граѓани и фирми кои можат да донираат, да го сторат тоа и да помогнат на оние на кои помошта им е неопходна. Ги повика поплавените кои се корисници на нивните услуги, да поднесат барање за дополнителна еднократна парична помош.

 

 

Оцени ја веста

04.03.2015 - 16:13

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега