Орав: Сега е време политичарите да покажат дека се за интеграција во ЕУ

Во изминатите години слушнавме многу прекрасни зборови за интегрирањето на оваа земја во ЕУ. Сега е време за сите политичари, да повторам, сите политичари да покажат дека овие зборови ги поддржуваат со дела. Овде сме да и помогнеме на вашата земја на патот кон ЕУ, но мора да видиме дека тоа навистина го сакате.
Ова го изјави евроамбасадорот Аиво Орав на промоцијата на твининг-проектот за зајакнување на капацитетите за процесот на европската интеграција на Секретаријатот за европски прашања и клучните министерства.
Вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими запрашан да ја коментира изјавата на Орав на означувањето на почетокот на овој проект повтори дека патот на Македонија е кон ЕУ, оти тоа е така и така треба и да остане.
- Кратките и јасни пораки секогаш се полесни за разбирање. Јас уште во своето обраќање реков дека тоа што стои на патот на Македонија е да го задржи курсот на евреоинтеграцијата. Темата за европската интеграција во континуитет во целиот овој процес има поддршка од мнозинството граѓани на Република Македонија. Но, тоа што е важно во овој период по шест години статус кво со препорака без започнување на преговори, поддршката од граѓаните стои, заложбата на политичките претставници е неопходна, а тоа што не смее да изостане е подготвување на администрацијата за наредниот чекор, изјави Бесими.
Според вицепремиерот, нема оправдано отсуство од европската агенда и нема политика која граѓаните ќе ја поддржат надвор од европската агенда во Република Македонија. За ова, вели Бесими, постои општ политички консензус во земјата и голема поддршка од граѓаните. Во оваа прилика најсоодветен одговор, како што кажа вицепремиерот, е цитат на Жан Моне, кој вели: „Кога ќе се најдете себе си во бура единствен излез е да останете цврсто на својот правец, а тоа што не треба да го правите е да го смените правецот“.
- Убеден сум дека нашиот правец е и треба да остане Европска унија и евроатлантската перспектива. Ова претворено од зборови во активности или акција, како што кажа амбасадорот Орав, значи целосна реализација на препораките кои произлегуваат од Извештајот на ЕК, владеење на правото, слобода на изразување, борба против корупцијата, добри меѓуетнички односи, политички дијалог и добрососедски односи, истакна Бесими.
Евроамбасадорот Орав рече дека нема што да додаде на она што веќе го кажа на почетокот на натанот, и рече оти се надева дека проектот ќе има позитивни резултати.
Проектот за зајакнување на капацитетите за процесот на европската интеграција ќе се спроведува 21 месец во СЕП и клучните министерства и е финансиски поддржан со 1,7 милиони евра преку ЕУ, односно ИПА 2010/ТАИБ. Твининг партнери на СЕП на проектот се Германија, Полска и Хрватска.
Целта на проектот е поддржување на процесот на интеграција во ЕУ, преку зајакнување на капацитетите на СЕП, во насока на обезбедување на напредната меѓуресорска координација во рамките на Националната програма за усвојување на правото на Европската Унија (НПАА), како и преземање на улогата за координација на помошта и управувањето со ИПА.
Во насока на јакнење на капацитетите предвидени се обуки за повеќе од 200 учесници,11 работилници, испраќање на пет групи на студиски посети како и остварување на седум дневни практични работи во странство од страна на 15 учесници.
Клучниот корисник на твининг проектот е СЕП, Работниот комитет за европски прашања – РКЕИ, како и членовите на сите работни групи за НПАА . Други институции кои ќе бидат поддржани од овој проект се Министерството за надворешни работи, Секретаријатот за законодавство и Генералниот декретаријат
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа









