Свлечиште го прекина снабдувањето со технолошка вода во индустрискиот дел на Битола

Свлечиште, во непосредна близина на битолското село Драгарино, го оштети главниот канал за технолошка вода која ЈП „Стрежево“-Битола им ја испорачува на компаниите од приватниот и јавниот сектор во индустрискиот дел на општината, пренесува МИА.
Свлечиштето, според Марјан Героски, генерален директор на ЈП „Стрежево“-Битола, во моментов не претставува опасност, но преземени се мерки за заштита и решавање на овој проблем.
- Веднаш по оштетувањето на цевководот и прекинот на снабдувањето со технолошка вода, го активиравме стариот цевковод и продолжуваме со непречено испорачување на технолошка вода за потребите на РЕК Битола и други индустриски капацитети, рече Героски.
За активирањето на свлечиштето информирани се професори, стручни лица од градежниот факултет при УКИМ-Скопје кои треба да посочат какви активности треба да се преземат за времено и трајно решавање на проблемот со свлечиштето.
- Бидејќи станува збор за голем притисок што го прави свлечиштето ангажиравме градежна мехазниација за справувањето со овој проблем кој ќе го решиме за ден-два. Потоа ќе извршиме „бај-пас“ на теренот за повторно да го ставиме во функција цевководот кој се користи за испорака на технолошка вода до РЕК-Битола, посочи Героски.
Заради прекинот на главниот индустриски цевковод, дел од корисниците користат алтернативни извори на вода или, пак, работат со намален обем, потврдија од ЈП „Стрежево“-Битола.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа









