Змејкова: Смртта на Тамара ќе ја носам цел живот со себе

Директорката на Фондот за здравствено осигурување Маја Парнарџиева Змејкова си поднесе оставка по смртта на малата Тамара од Велес. Таа денеска на прес-конференција ги истакна причините поради кои се одлучила на ваков потег.
Во продолжение следува интегрален текст:
Почитувани граѓани, изминатиов период се случи немил настан. Почина дете, почина, на денот кога требаше да добие датум за лекување во странство. Сторија со која цела македонска јавност е запознаена подолг временски период. За жал овој трагичен и немил настан предизвика несигурност, недоверба и сомнеж во целиот систем на здравство и здравствено осигурување. Многумина повикуваа на преземање на одговорност и смена на системот. Најодговорно Ви тврдам дека одговорност чувствувам за секој осигуреник, чувствувам одговорност за секој еден од 1.800.000 тоте осигуреници. Во изминатиот период фондот помогна на 1.350 лица да ја добијат најдобрата нега и лекување во странство и никогаш не сме се соочиле со ваков напад врз системот, иако кај ниедна болест никогаш не може да се предвиди исходот. Воопшто како човек во здравството секогаш сум се залагала за секој еден што се обратил до мене, затоа што сум свесна дека болестите носат тешки човечки судбини каде што не само пациентите туки страдаат и нивните фамилии. Секогаш лично ги доживуваме нивните судбини, независно дали биле добри и се радуваме со семејството или биле лоши. Секогаш несебично сме се залагале за секој осигуреник, а посебно за секое дете кое е испраќано за лекување во странство. Никогаш не ги заборавивме случаите кога со денови службите и моите соработници бараа центри за лекување. Секогаш сме биле под невиден притисок да обезбедиме болница која ќе може да ја излекува болеста. Воопшто фондот никогаш не бил едноставна институција за раководење. Секогаш бил прв на отсрел од јавноста и медиумите за било каква работа независно дали имала значење или не. Како што сите се сеќавате до моето доаѓање фондот беше мета на корупциски скандали и афери. Ја прифатив оваа најодговорна фунција со цел да помогнам на луѓето и да воведам доверба во институцијата. Како професионалец со стекнато искуство од Министерство за финансии, си дадов за задача начинот на работа на европските и меѓународните институции да го пресликам во најголемата државна финансиска институција. Од прв момент решив да ја елиминирам бирократијата за што сите сте сведоци. Од 100тиците документи кои беа потребни само за обична рефундација на лек, боледување, рехабилитација, ги сведов на минимум т.е. само трансакциска смета и потврда од лекар. Во сите сфери направив толку голема адмистративна гилотиња што бевме пример на сите државани институции, пример кој Министерството за информатичко општество и адмистрација, го пренесе кај сите министрества и други институции. Горда сум што по долго време граѓаниниот дојде на прво место. Јас со моите соработници вложивме надчовечки напори за да воведеме подобрување.
За ова да стане реалност, целиот ФЗО мораше да направи систем кој гарантира исто одлучување во 30 подрачни служби, систем на еднаквост на граѓанинот. Затоа направивме 1500 интерни акти за кои Фоднот доби ИСО сертификат и инвестиравме во најнапреден информатички систем во цела државна администрација. Систем, со кој понудивме огромен број на електронски услуги за осигурениците, фирмите и здравствените установи, со што бројот на посети месечно го намаливме за 80 илјади.
Она по што особено сум горда е тоа што по моја иницијатива Фондот не само што се запозна, не само што ги отвори вратите, туку и стана вистински партнер со сите 25 здруженија на пациенти. Заеднички ги утврдувавме проблемите и заеднички ги решававме.
Системот на отворена врата го воспоставивме и го развивме со сите здравствени работници и нивните комори. Со оваа непосредна комуникација ги разбравме проблемите на лекарите и голем дел од нив континуирано ги решаваме. Тоа што особено ме исполнува и радува е соработката со здруженијата на пензионери со кои се среќавам во секој град во најпријатна атмосера зборуваме за нивните права во здравсвтеното осигурување..
За прв пат фондот ги отвори економските показатели и финансиското работење на цел здравствен сектор, без цензура! Секој граѓанин може да ги види на веб страницата на фондот. Секое прашање од граѓанин му се одговара во најкраток рок. Со особен респект се однесуваме кон секој новинар и медиум. Верувам поради овие причини не изостана и европското признание дека сме најтранспарентна иституција во Република Македонија.
Не само тоа, туку државниот завод за ревизија не прогласи и како прва институција во која нема никаква забелешка во јавните набавки.
Со воведените 12 истурени шалтери, инфо линијата и инфо меилот, овозможив за голем број на осигуреници побрза информација и остварување на правата.
Секоја година реализирав по 200 проекти од значење на граѓаните, а 30тина од нив се согласно програмата на работа на влада и се од стратешко значење.
Иако во време на најголемата европска економска криза, успеав финансиски да го консолидирам фондот и навремено да ги исплаќам, породилните, боледувањата, матичните лекари, аптеките, специјалистите, ортопедските куќи. Јавното здравство почна на време да добива плата, преку електронскиот трезор во фондот, сите здравствени установи можат да плаќаат, како во најмодерна банка преку комјутер.
Во изминатите 4-5 години намалив цени на 1200 лекови на рецепт, со тоа заштедив на граѓаните досега 1 милијарда денари, кои ги давале претходно заради нереално високите цени на лековите.
На лицата со хендикеп им излеговме во пресрет полесно да ги добиваат потребните помагала, а воедно воведовме и нови ортопедски помагала. Истовремено работевме домаќински, бидејќи преку намалување на цените на помагалата, направивме заштеди во буџетот на Фондот од 40 милиони денари годишно.
Овозможив граѓаните да подигнат многу повеќе лекови во тек на целиот месец на товар на фзом како и многу полесно да го подигнат потребното ортопедското помагало.
За најзагрозените пациенти кои не можеа да дојдат до лек, воведовме наменски буџети во клиниките. За прв пат за 100 дечиња со цистична фиброза, 100 дечиња со низок раст, 300 пациенти со мултиплекст склероза, 100 пациенти со ревматоиден артрит, овозможвме редовна и сигурна терапија, без стрес и неизвесност за фамилиите. Овој проект, го проширивме и на 12 клиники за други дефицитарни услуги, а од годинава почна да важи и кај други 16 општи и клинички болници. Проект кој највисоко е оценет од земјите во опкружувањето и заедно со специјалистичките пакети е модел-пример, кој ќе го воведат во блиска иднина.
Особено драг ми е проектот кој денес за прв ќе го споменам, а веќе функционира 7 месеци. Тоа е родителскиот дом за деца со малигни заболувања. Дом за 5 фамилии кои се вон Скопје, а нивните најдраги се на најтешка форма на терапија на детската клиника. По моја иницијатива владата утврди локација и фондот таа локација ја предаде на здружението пеперутка, кое го користи изминативе 7 месеци како колективно домување за овие фамилии. Истовремено, срцето ми се крши за нивната судбина, но и ми се исполнува кога гледам колку се благодарни овие фамилии затоа што конечно имаат достоинствено катче каде можат во мир да престојуваат.
Со мојата упорност се донесе измена на законот за трансплантација, сите подзаконски акти и конечно во Македонија повторно почна да се извршува трансплатација на органи. Се радувам и ги охрабрувам уролозите и нефролозите после секоја успешно извршена трансплантација и секогаш ги поттикнувам за повеќе. Јавно говорев и говорам за подигнување на свеста за органодарителството и крводарителството, како највисок чин на човекољубие.
Ја подигнав контролната функција на фондот, наместо џелати на здравствените работници, фондот стана едукатор за лекарите, но и заштитник на пациентите. Така го отривме криминалот во некои Бањи и здравствени установи. Со цел воведување на ред во наплата на средства, заедно со УЈП и со Финансиската полиција посетивме многу јавни и приватни здравствени установи, за чиј епилог наремено сте информирани.
Воспоставив систем базиран на принципи, вредности, еднаквост и транспарентност, притоа елиминирајќи ги сите дискрециони права на директорот кои ги имаше во минатото. (буџети на аптеки, специјалисти, итн без транспарентна формула).
Ги гледав и искрено ги сфаќав сите напади кон мене и кон фондот и низ оваа голема трагедија, која не погоди сите, навистина беше многу тешко и за мене и за вработените од фондот. Ги следев сите коментари во јавноста, сите напади, критики, од најголемите клетви па и до оние поразумните. Во еден момент, за голема жал, имаше сериозен обид трагедијата да се искористи и за политички пресметки. Тоа не го промени ниту за момент чувството на жал и тага за тоа што се случи. А се случи и покрај сета моја, наша борба за секој еден живот, за секој еден наш сограѓанин кој ќе ни се обрати. Се случи и покрај сета моја, наша борба за животот на Тамара. Ние во фондот многу добро знаеме како е да се соживува човек со вакви судбини, ние долг период поминувавме со овој случај, заедно со семејството барај ги го најдоброто решение.
Жал ми е исто така, што освен сенка врз мојата личност, па се обидуваа да ме претстават во еден налет како некаков монструм, оваа трагедија фрли сенка и врз сите проекти кои ги воведов, а воедно и проектите што допрва следуваат, а се сепак со крајна цел подобар систем кој што ќе може да им биде на располагање на семејствата, на нашите сограѓани.
Значи, револтот и гневот на пошироката јавност мене ми е сосема разбирлив. Лично се соживувам со него како човек и мајка.
Обдукцијата, која веќе е објавена во медиумите ја потврди причината за смртта, се работи за причина која не е поврзана со операцијата која Тамара требаше да ја има, а за која се обезбедија на крај средства. Дополнително интерна комисија во Фондот провери и контатира дека сите процедури во лекарските комисии и стручните служби во Фондот се испочитувани.
Во целокупната моја кариера никогаш не сум имала дамка во своето работење и изминативе две недели, покрај една лична семејна трагедија која ми се случи неодамна, се најтешкиот период во мојот живот. Јас сум човек кој е воспитан, приватно и професионално, да помага секому.
И истовремено сум емотивна личност, а не некаков ладен бирократ, и сите овие напади лично ме погодија.
Денес објавувам дека од човечки причини се повлекувам од функцијата директор на фондот.
Чекав да се добијат резултатите од судска медицина, за да се констатира причината за смртта, и да се види вистината за овој случај, кој заради се што се случи и пеколот низ кој поминувавме, но и напорите кои претходно ги правевме, а дел од јавноста не ги вреднуваше, сепак целиот мој живот ќе го носам со себе и покрај тоа што сум свесна дека се што можевме, се сторивме, буквално се.
Уште еднаш ќе кажам, го разбирам гневот на луѓето, и јас бев гневна, бев буквално срозена. Ве молам овој и вакви случаи да не се политизираат, навистина нема нешто поболно од тоа да се гледа низ призма на политика на ова.
Никој не сака вакви работи да се случуваат. Никој. И не е добро да се злоупотребуваат вакви моменти.
На семејството им е најтешко и никој не ни може да ја претпостави нивната болка и нивниот гнев, и без разлика на исходов, нивната болка, но и нашата, на сите нас што сме некако инволвирани во ова, ќе продолжи. Длабоко жалам.
Ви благодарам на сите вас за соработката во сиот овој изминат период, поминавме многу. Им благодарам на моите вработени и сите партнери на фондот. Се надевам дека темпото и принципите на работа што ги наметнав, ќе бидат репер за постигнување и надминување од страна на идните менаџери во Фондот.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа









