Вардар има сила за победа против Рајн-Некар Левен
Македонскиот ракометен шампион Вардар утре патува за Германија, на последниот натпревар од групната фаза во Лигата на шампионите, против екипата на Рајн-Некар Левен.
Вардар има 13 бода на второто место во групата Ц, Рајн-Некар само еден помалку, што значи дека и реми им одговара на „црвено-црните“ за да останат на втората позиција.
Сепак, ракометарите во „црвено-црно“ не сакаат да тактизираат и размислуваат за победа. Такви се мислите и на Сергеј Горбок, човекот кој до минатата пролет настапуваше токму за следниот ривал.
- Ова ќе биде одличен натпревар и голема шанса за нас да го освоиме второто место. Точно, играв во Рајн-Некар, но тоа нема никакво значење, немам никаков притисок. Важно е само тоа дека треба да одиме на победа. Сигурно дека имаме сила да победиме, само да успееме да го одиграме сето ова што не советува тренерот сега, изјави Горбок.
Ракометот е спорт број еден во Мајнхајм и затоа сигурно „САП Арена“ ќе биде исполнета до последното столче, што значи дека против Вардар ќе навиваат петнаесетина илјади луѓе.
- Во Германија има добри фанови, но тоа не е како во Скопје и не се како нашите Комити и затоа не очекувам некој голем притисок од публика, рече Горбок.
Натпреварот меѓу Рајн-Некар и Вардар се игра в сабота во 21 часот.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа